Рубен Аморим требаше да биде спасител на Манчестер Јунајтед откако пристигна на местото на Ерик тен Хаг, но португалскиот стратег засега не успева да го разбуди заспаниот џин.
„Црвените ѓаволи“ вчера загубија од Вулверхемптон што е трет пораз во низа за овој клуб, петти на десетте меча под водство на Аморим со што Јунајтед падна на 14. позиција на табелата. Притисокот врз поранешниот стратег на Спортинг Лисабон е се поголем, а Аморим првпат говореше и за можноста да добие отказ, иако беше најавуван како долгорочно решение за најтрофејниот англиски клуб.
„Знам каков е фудбалскиот бизнис, тренерскиот занает, особено во клуб како Манчестер Јунајтед во кој притисокот врз тренерот секогаш е голем. Морам да почнам да победувам, свесен сум дека ако тоа не се случува, секој тренер е во опасност во својот клуб, јас сигурно не сум исклучок од тоа правило. Ми се допаѓа да работам под притисок, но и јасно ми е дека морам наскоро да влезам во позитивна серија. Можам да смислам изговори околу тоа колку кратко време сум овде, но реалноста е дека во клуб како Манчестер Јунајтед мора да се победува и тоа е сосема во ред“, изјави Аморим.
Проблем за португалскиот стратег е што во наредниот период неговиот тим го очекува исклужително тежок распоред, в понеделник го пречекува Њукасл без суспендираните Бруно Фернандеш и Угарте, по што во првиот меч од 2025 година ќе гостува на „Енфилд“ на лидерот Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

