Агенцијата за млади и спорт со соопштение реагираше по повод последните случувања во Пливачката федерација на Македонија и (не)настапот на Евгениј Поп Ацев на ЕП во Глазгов. Од АМС ги повикаа „сите инволвирани кои што одлуичиле Поп Ацев да не учествува на ЕП во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“. Посочувајќи дека Поп Ацев е еден од најуспешните македонски спортист, АМС изразува поддршка за пливачот.
„Во врска со случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев, Агенцијата за млади и спорт ве известува дека внимателно го следиме развитокот во пливачките спортови, како и во секоја друга спортска дисциплина.
АМС уште при промената на раководството и увидот во состојбите, како релевантна институција, констатираше тешка состојба во пливачката федерација. ПФ со години, не функционирала соодветно, а констатирана е и задолженост од преку 20 милиони денари. ПФМ со години немала годишно собрание а ниту пак примиле нови членки ( пливачки клубови ).
Во последната година, интензивно работиме во насока на решавање на проблемите во федерацијата, во согласност со Законот за спорт, заеднички и со вклученост на сите активни пливачки клубови.
Повеќе пати преку дописи и известувања, потенциравме и дававме насоки сразмерно нашите надлежности, за тоа какви активности и во која насока треба да делува пливачката федерација, кои се во согласност со законот за спорт. Овие препораки беа одговорени со обвинувања на мешање на државата и државните институции во независноста на ПФ.
Продолжуваме и понатаму да апелираме и да се бориме за системско решавање на проблемите во пливањето, за во иднина да не ни се случуваат вакви случаи, кои се на штета на спортот и спортистите кои ја претставуваат нашата земја.Евгениј Поп Ацев е еден од најуспешните Македонски пливачи и еден од најголемите спортски амбасадори на нашата држава и кој безрезервно е поддржан во сите неговите настапи и натпреварувања од страна на АМС.
Изразуваме жалење што АМС не била порано информирана дека иако има постигнато норма, нема да биде пријавен да учествува на ова првенство, како би можеле писмено да реагираме до надлежните меѓународни спортски институции и да најдеме начин да го поддржиме.
Ги повикуваме сите инволвирани кои што одлучиле Евгениј да не учествува во Европското првенство во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“- стои во соопштението од АМС.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА