Агенцијата за млади и спорт, преку официјално известување до јавноста, информира дека согласно одлуката на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, Решението за усогласување на Статутот на Фудбалската федерација на Македонија со Законот за спорт е правосилно и извршно, и ФФМ мора да го усогласи актуелниот Статут, којшто е спротивен на Законот за спорт и со позитивното право.
ИЗВЕСТУВАЊЕТО ОД АГЕНЦИЈА ЗА МЛАДИ И СПОРТ ДО НАШАТА РЕДАКЦИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Агенцијата за млади и спорт постапуваќи согласно своите надлежности и овластувања ја информира јавноста за следното:
Како орган на државната управа надлежен за работите од областа на спортот во Република Северна Македонија при извршен инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија (решение ИП1 бр.14-182/2 од 21.01.2019 година) утврдени се низа неправилности спротивно на Законот за спорт
(„Службен весник на Република Македонија“ бр.29/02, 66/04, 81/08, 18/11, 51/11, 64/12, 148/13, 187/13, 42/14, 138/14,177/14, 72/15, 153/5, 6/16, 55/16, 61/16, 106/16, 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 98/19 и 244/19), пред се непочитување на Член 14-а, став 1, Член 82, Член 11, став 1 и став 9, Член 14 став 4 и став 5 и позитивното право во државата и истите беа доставени за отстранување до Федерацијата. Решението беше обжалено од страна на Фудбалска федерација и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата беше отфрлена како неоснована од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението стана правосилно и извршно, и против него не е дозволена жалба.
Имајќи предвид дека и по предвидениот рок за постапување по Решението коешто се однесува на усогласување на Статутот на федерацијата со Законот за спорт, Фудбалската федерација не постапи согласно наводите и диспозитивот на решението, туку спротивно на тоа продолжи да функционира со истиот Статут, којшто е спротивен на Законот за спорт и со позитивното право, и спротивно на решението донесено од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.
Имено, во овој период кога истекува мандатот на функционерите во ФФМ (делегати, членови на УО и застапникот) започнати се активности со цел одржување изборно Собрание, коешто е спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата.
Агенцијата за млади и спорт како орган на државната управа, надлежен за работите од областа на спортот, презема активности и дејствија согласно горенаведеното Решение и од сите спортски субјекти бара безусловно почитување на позитивните прописи, и нема да дозволи и нема да толерира непочитување и постапување спротивно на она што налагаат одредбите од Законот за спорт.
За сите понатамошни активности на Агенцијата за млади и спорт кои ќе бидат преземени согласно Законот за спорт и позитивното право во државата, целата спортска јавност ќе биде благовремена известена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА