Агенцијата за млади и спорт му одговори на најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе по неговата реакција дека е изоставен во распределбата на буџетските пари за поддршка на спортот. Владиното тело за спорт вели дека Иџе лани добил околу 140.000 евра, а од 2018 година му се исплаќа паричен надоместок за Спортист од светска категорија. Но, и нема образложение зошто е изоставен оваа година.
Во соопштението на Агенцијата за млади и спорт се вели:
На Агенцијата за млади и спорт во изминатиот период приоритет и се младите врвни спортисти и тоа го искажува во сите пригоди и можности, давајќи приоритет средствата од Буџетот на Република Северна Македонија да се користат за остварување на јавниот интерес во спортот.
По јавниот настап на Игор Стефановски – Иџе, во кој негативно ја оценува работата на Агенцијата за млади и спорт, притоа, неосновано се обвинува и се изнесуваат невистини во однос на работењето на Агенцијата.
Информираме дека Игор Стефановски – Иџе континуирано бил поддржуван спортист, за што го води и фактот дека, од Буџетот на Република Македонија во 2018 година, на овој спортист доделена му е сума од 8,5 милиони денари, од вкупната сума од 20 милиони денари, наменети за Автомобилистичка федерација.
Сакаме да ја споредиме оваа сума од 8,5 милиони денари, која е вкупен буџет на неколку спортски федерации кои со успех се натпреваруваат на регионални, европски и светски првенства и притоа остваруваат врвни спортски резултати со кои исто така ја афирмираат нашата земја.
На спортистот Игор Стефановски – Иџе од 2018 година Стефановски му се исплаќа паричен надоместок за стекнатата категорија, Спортист од Светска категорија, во висина од 49 илјади денари месечно, или две просечни плати, и ова право ќе го остварува во период од 4 години, се разбира доколку се натпреварува во наредниот период до 2022 година.
Во 2019 година на Игор Стефановски – Иџе, доделен му е ваучер во износ од 500.000, денари, како и на неколку европски шампиони во одредени спортови.
Во 2018 година Игор Стефановски – Иџе настапуваше во Шампионатот на ТЦЦР и оствари пласман согласно неговите нивните можности, а во 2019 година не настапувал во овој систем на натпревари.
Сакаме да ја информираме спортската и пошироката јавност дека Агенција за млади и спорт со посебно внимание ги следи и поддржува активностите во автомобилистичкиот спорт кои поради низа причини 9 години немаше реализирано активности и благодарејќи на активностите на Агенција за млади и спорт, во последните две години повторно се организирани национални натпревари во автомобилизам.
Ваквите настапи и неосновани изјави му штетат на спортот и на оние кои вистински се залагаат за негов развој во нашата држава.
Сакаме да потсетиме дека благодарејќи на aктивностите на Агенцијата за млади и спорт и поддршката што ја добива, средствата за поддршка на спортот и спортистите во нашата држава во последната година се зголемени за 10 пати, во споредба со средтвата остварени во 2016 година.
Поддршката од Агенција за млади и спорт продолжува и понатаму, му посакуваме успех во неговите спортски резултати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА