Агенцијата за Млади и спорт со официјално соопштение ја информира јавноста дека нема да ги признае резултатите од Изборното собрание на ФФМ кое ќе се одржи утре. Како што се вели во соопштението АМС е единственото тело кое е надлежно за работите од областа на спортот, а дека ФФМ и покрај бројните укажувања продолжува да функционира спортивно на Законот.
Во продолжение ви го пренесуваме целосното соопштение од Агенцијата за млади и спорт:
„Почитувани, Ја известуваме јавноста дека Агенцијата за млади и спорт нема да ги признае резултатите од Изборното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) коешто ќе се одржи утре и нема да учествува со свој претставник. АМС како единствено владино тело коешто е надлежно за работите од областа на спортот и вршење надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за спорт, веќе подолго време бара усогласување со Законот за спорт, а ФФМ и покрај бројните укажувања, продолжува да функционира спротивно на законот и позитивното право во државата. ФФМ подолг период ги игнорира и одлуките на надлежните институции и продолжува со непочитувањето на Законот за спорт и покрај инистирањето на АМС. Иако се покренатите институционални и судски постапки, ФФМ продолжува да функционира и да делува спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата. Имајќи предвид дека мандатите на делегатите, комисијата за избори, претседателот и членовите на УО на ФФМ, истекуваат на 17.02.2021 година, АМС известува дека нема да биде признаен незаконски избор на делегати од ОФС, како и избор на тела во ФФМ. Законот за спорт важи за сите подеднакво и сите учесници се должни да го почитуваат. Имаме поддршка од поголемиот број на клубовите од прва и втора лига за доследно почитување и примена на Законот за спорт. Напредокот на спортот е возможен само со заеднички напори и почитување на законските регулативи“, стои во соопштението од Агенцијата за млади и спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА