АМС нема да има претставник на собранието на ФФМ, ја повикува федерацијата да се усогласи со законот за спорт

Агенцијата за млади  и спорт нема да испрати претставник на утрешното изборно собрание на Фудбалската федерација на Македонија поради тоа што според владиното тело, ФФМ работи според статут неусогласен со законот за спорт.

Директорот на АМС, Дарко Каевски на прес конференција ја повика ФФМ да ги направи потребните статутарни промени, особено во делот на законот за спорт кој се однесува на здружувањето на клубовите.

„Не сакаме да прејудицираме, ќе почекаме да видиме што ќе се случи на собранието, ако не го направат тоа што треба, Агенцијата за млади и спорт ќе ги преземе сите дозволени мерки, постои можност дури и за одземање на решението за дејност спорт“ – рече Каевски.

Според директорот, дури и ако утре ФФМ ги направи потребните статутарни промени, нема да може да избере претседател.

Агенцијата решила да не испраќа претставник на собранието бидејќи според нив во овој момент Фудбалската федерација работи нелегално. Сепак оставаат простор, ФФМ утре да донесе одлука за усогласување на статутот како што бара Агенцијата, а промените што треба да се направат не се во колизија со статутите на УЕФА и на ФИФА.

 

 

 

 

Се вчитува...