Агенцијата за млади и спорт нема да го признае собранието кое што Фудбалската федерација на Македонија го закажа за 14. март годинава. Од АМС велат дека како единствено владино тело коешто е надлежно за работите од областа на спортот и вршење надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за спорт, по повод случувањата во Фудбалската федерација на Македонија, ја информира јавноста дека одлуките на ФФМ во изминатиот период се донесени спротивно на Законот за спорт.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на АМС до нашата редакција:
„Агенцијата за млади и спорт како единствено владино тело коешто е надлежно за работите од областа на спортот и вршење надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за спорт, по повод случувањата во Фудбалската федерација на Македонија, ја информира јавноста дека одлуките на ФФМ во изминатиот период се донесени спротивно на Законот за спорт.
ФФМ подолг период ги игнорира укажувањата и одлуките на надлежните институции и продолжува со непочитувањето на Законот за спорт, и покрај инистирањето на АМС почитување на законските прописи и усогласување на Статутот на ФФМ согласно Законот за спорт. И покрај бројните укажувања и покренати институционални и судски постапки, ФФМ продолжи да функционира и делува спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата.
Во име на вистината, на увид на јавноста, доставуваме записник од 30.07.2019 гоина, кога Управниот одбор на ФФМ, донел одлука за усогласување на Статутот со Законот за спорт, но по таа одлука никогаш не е постапено, односно никогаш не е реализирана. Воедно, во истиот период од АМС е побаран дополнителен рок, и во интерес на фудбалот, постигнат е заеднички договор на првото наредно Собрание на ФФМ да биде спроведена одлуката на УО, што би значело, Статутот да биде усогласен согласно Законот за спорт.
Во меѓувреме, ФФМ одржа уште две Собранија и на ниту едно од нив не е спроведена одлуката за усогласување на работата на ФФМ согласно Законот за спорт. Имајќи предвид дека мандатите на делегатите, комисијата за избори, претседателот и членовите на УО на ФФМ, истекуваат на 17.02.2021 година, АМС известува дека нема да биде признаен незаконски избор на делегати од ОФС, како и избор на тела во ФФМ. Законот за спорт важи за сите подеднакво и сите учесници се должни да го почитуваат.
За сите нелегални активности, спротивни на Законот, Агенцијата за млади и спорт како единствена институција надлежна за спроведување на Законот за спорт ќе ги информира и УЕФА и ФИФА. Имаме поддршка од поголемиот број на клубовите од прва и втора лига за доследно почитување и примена на Законот за спорт.
Напредокот на спортот е возможен само со заеднички напори и почитување на законските регулативи“, стои во соопштението на АМС.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА