Најголемото македонско фудбалско име во историјата, ДАРКО ПАНЧЕВ, со своја анализа на квалификацискиот натпревар на Македонија со Украина во Прага.
Најпрво, би сакал да се осврнам не како име со долгогодишно професионално фудбалско минато зад себе, туку чисто како спортски вљубеник кој само искрено го сака фудбалот… Се одигра денеска навистина еден исклучително интересен натпревар, одигран на европски гледано високо ниво, со многу комбинаторика, остро, цврсто со многу дуели, со многу шанси и удари на гол на двете страни, и дефинитивно со двајца одлични голмани кои ги заслужија сите пофалби. Што значи, фудбалски натпревар со сите највисоки елементи на фудбалската игра по теорија. Од тој аспект, искрените љубители на фудбалот може и тоа како да бидат задоволни затоа што гледавме навистина добар натпревар, од кој единствениот заклучок е дека Македонија не заслужи пораз.
Задоволство е, како навивач, да гледам дека Милевски веќе изгради фудбал со желба за доминација против секој противник
Сега, ако го погледнеме фудбалски настапот на Македонија, освен оние воведни 20 минути во кои влеговме посрамежливо во фаза на игра, се останато беше навистина извонредно од наша страна. А, факт е дека примивме навистина наивен гол по исклучиво наша грешка, при додавање пред шеснаесетник кое не смее да се случи на таков начин, а потоа следеше и несреќно одбиена топка која завршува во мрежата. Мислам дека да не беше тој случаен погодок, првото полувреме лесно ќе завршеше без предност за ниту една од екипите, а потоа во вториот дел текот на дуелот многу што поразлично можеше да донесе… Но, факт е дека по тој примен гол одлично реагиравме. Веднаш презедовме лесно иницијатива, активно се градеа офанзивни акции и покрај тоа што не е лесно против репрезентација од рангот на Украина тоа да се создава. На почетокот единствено посериозни проблеми по левата страна ни создаваше Мудрик, но потоа беше убаво сопрен, и посебно во вториот дел со засилувањето на десната страна со Димовски и Чурлинов.
И во второто полувреме одигравме навистина на високо ниво, дури и поквалитетно од првиот дел и покрај тоа што имаше можеби само една или две изгледни шанси. Доминиравме на терен, ја натеравме една Украина да се повлече до крај, па имаше моменти кога се бранеа и со десет фудбалери пред својот гол. Имаше акции за одбележување со сигурни додавања, мирна топка на средината од теренот, и шанса како таа на Чурлинов која беше чиста среќа како украинскиот голман ја одбрани. Токму затоа едноставно не може да има незадоволство од начинот на тактичка поставеност и издание на терен, затоа што овие момци денеска во Прага воопшто не разочараа. А, сега тоа што фудбалот носи и вакви порази, мора да прифатиме. Не може да има никаква замерка ниту за грешката на Димитриевски при вториот гол, затоа што бранеше феноменално во текот на целиот натпревар.
Затоа уште еднаш ќе потенцирам, чисто фудбалски гледано, и како навивач, ми претставува вистинско задоволство што гледам дека Боби Милевски сака и се труди да има тим на терен кој ќе игра, ќе се надигрува и ќе биде доминантен дури и против далеку посилни селекции. Секоја чест за тоа, и затоа не треба на овие момци ништо да им замериме затоа што воопшто не не разочараа. Факт е дека резултатски не поминавме добро, и тоа на сите ни е јасно, но момците денеска со само малку среќа дефинитивно не требаше да загубат.
Македонија не треба да се грижи за својата иднина
Македонија не треба да се грижи за својата иднина. Тоа постојано го потенцирам. Оваа подмладена генерација која и сега ја создава Милевски со овие неколку освежувања кои ги видовме во овие два месеци има перспектива… Со вклучување на дополнителни млади сили, мислам дека можеме да сметаме на квалитетна селекција и во следните десет години. Но, треба да се издржи со подмладувањето на националниот тим. Овие нови млади момци кои ги гледаме како Елези, Атанасов, Миовски, Манев, Серафимов, Димовски…, а тука секако поддржани од оние кои уште многу што имаат да кажат а се лидери во тимот како Елмас, Барди, Алиоски, Бабунски, Милан Ристовски, Димитриевски, се реално убава иднина. Објективно, во оваа квалификациска група за ЕП 2024 е навистина тешко да се направи успех. Група со дури четири селекции кои играа на претходното европско првенство, а од кои две, Англија и Италија, играа во финалето на истото. И, да бидеме реални, ако сега оваа наша репрезентација ја однесете во Д-лигата од Лигата на нации, како што претходно обезбедивме настап на ЕП, гарантирам дека без никаков проблем повторно ќе биде најдобра во таа лига Д. Затоа мора малку пообјективно да погледнеме дека рамноправното надигрување со сите противници во овој квалификациски циклус, освен оној тежок пораз од Англија кој не сакам да го спомнувам, не може да се оквалификува како некаков неуспешен настап.
Во тој контекст…, мора да се спомне и одличниот изглед и на нашите млади селекции во овој период, кои треба да носат освежувања во иднина за сениорите. Младата селекција до 21 година, предводена од Драган Канатларовски, победи една Шведска а беше сосема рамноправна со Холандија. Момците до 19 години на Тони Јакимовски, пак, ја победија Полска, а одиграа денеска навистина квалитетен натпревар со една Германија. И покрај поразот, со триумф над Казахстан, ќе дојдат до втората позиција на табелата и продолжуваат во квалификациите за ЕП, што е навистина убав успех во една таква група. Тоа е еден добар знак, и токму затоа треба што повеќе млади фудбалери и во А-тимот, како што сега се почна со подмладувањето на сениорската селекција во септемврискиот и октомврискиот квалификациски циклус… Тоа е единствениот вистински начин за доаѓање до квалитетен репрезентатен фудбал!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА