ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Една лоша партија не значи и крај на светот за македонската репрезентација во Хрватска, но дефинитивно претставува „будење“ од прекрасниот сон и бајката што ја живеевме во Загреб во изминатата седмица. Раул Гонзалес беше ставен на врвот на пиедесталот, дури и над самите ракометари, како најзаслужен за првото место во групата, но треба да се биде искрен и да се признае дека исто како претходно заслугите, сега и вината за вчерашниот дебакл (пораз од Шпанија никогаш не боли, но катастрофа никого не остава рамнодушен) лежи кај селекторот.
1. Кузмановски на десен бек, Кире Лазаров на средина
Ако стартот „седум на шест“ против Германија беше изненадување за противникот, овојпат бевме лесно прочитани од првата минута. Раул се обиде со експеримент, стартувавме со Филип Кузмановски поставен на десен бек, а Кире Лазаров во средина… очекувавме некое „вкрстување“, но до тоа не дојде. Наместо тоа, Кузмановски во првите два напади на Македонија на натпреварот имаше две загубени топки на за него крајно неприродна позиција, за „почеток на крајот“ по само две-три минути игра.
2. Шпанија се добива со срце, а ние го немавме Миркуловски
Кога се игра против поквалитетен противник од себе, неопходно е да се дадат и над 100% од своите можности, а место во тимот мора да има за оние најборбените, кои се спремни да тргнат со „глава во ѕид“, се за да се стигне до резултат. По три дена одмор, Раул како и против Германија повторно почна без Миркуловски, но кога увиде дека „седум на шест“ не функционира, се врати на вообичаена зона во нападот, но со Прибак на среден бек, што се покажа како погрешно. Тоа беа моменти кога се уште го имавме Лазаров на терен, пред повредата на капитенот…
Кога веќе мечот отиде во несакан правец, јасно е зошто членот на Вецлар остана на клупата за да не ризикува повреда, но факт е дека во првиот дел мораше да се направи обид со Миркуловски во тимот да се стори нешто повеќе.
3. Топки во раце на противникот
„Ние не можевме да се поставиме во одбрана, бидејќи во напад топките ни ги земаа од раце, па имаа чисти контранапади“ – реален беше Стојанче Стоилов по мечот.
И навистина, трагично делуваше нашата игра во нападот, со дури 14 загубени топки во првото полувреме, до крајот оваа бројка се искачи на 21, статистика со која би загубиле од далеку послаб противник, камоли од една Шпанија. И колку и да одиграа Шпанците одлично во одбраната, факт е дека ние моравме многу, многу подобро во нападот.
Да се загуби меч на Eвропскo првенство не е ништо страшно, особено ако е прв по три позитивни резултати во низа. Сепак, клучно е да се извлечат поуките за грешките да не бидат повторени, бидејќи се уште има натпревари во Вараждин што се од исклучителна важност за нашата репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА