АНАЛИЗА: Формирањето на Суперлигата е исклучиво борба за да се грабне огромниот финансиски колач од фудбалот, главно од телевизиските права

Најавата за формирање на Суперлигата предводена од 12 најголеми европски фудбалски клубови, без разлика што траеше само два дена, и тоа како ги „раздрма“ УЕФА и ФИФА кои објективно во иднина и тоа ќе се позанимаваат со прашањето за задоволување на се понезадоволните фудбалски гиганти.

Темата СУПЕРЛИГА е всушност прашање на се поинтензивната комерцијализација на фудбалот и битката околу новата прераспределба на огромните приходи од фудбалот. Овие прашања го надминуваат спортот и е веќе значајна општествена „битка“ која се уште ќе трае.

„Ова прашање излегува надвор од спорт. Ако се погледне во каков свет живееме, како општествен систем на глобално ниво доминира капиталот, најважната системска вредност се парите а основниот мотив е профитот. Па, и кога зборуваме за фудбалот сосема е добро познато дека фудбалот од аматерски се трансформира во тотален професионален спорт, и таа комерцијализација во одредени сегменти навистина претера. Претера во смисла на обложувањето и приходите кои се добиваат од обложувањето. Од тој аспект ги надмина сите граници, затоа што не гледам ниту една позитивна работа од функционирање на обложувалниците, не само за спортот. Напротив. А, како се комерцијализираше фудбалот така се креираа и некои нови односи. И токму тие односи доведоа до борбата на ‘дивовите’. Од една страна огромни клубови – гиганти со огромна маса на поддржувачи, а од друга страна водечките континентални асоцијации кои биле чекор пред клубовите па знаеле како формално-правно да го осигураат финансиски колач со телевизиските права“ – вели Драган Томовски, кој во независна Македонија беше првиот како директор на ФК Вардар кој го покрена прашањето за добивање средства за клубовите од ТВ-правата.

А, токму таа поделба на „финансискиот колач“, главно од телевизиските права, е во позадина и на битката на клубовите со светските фудбалски асоцијации и националните сојузи.

„Ова е борба за придобивка на колачот од фудбалот. Таа борба први ја покажаа ФИФА и УЕФА, како највисоки организации од фудбалот, обидувајќи се да ги преземат изворите на приходи. Ете, и денеска е тешко да се каже во чија сопственост се телевизиските права. Според мене, ако еден клуб игра одредени натпревари на својот стадион, тогаш негови се телевизиските права, а потоа тој може да се договори да ги отстапи или продаде на агенција или фудбалска федерација. Но, клубовите на тоа не се сетија на време.  Па, УЕФА полека почна да ги презема ТВ-правата од националните федерации за репрезентациите, а потоа ги презеде правата и за клупските натпреварувања во рамките на УЕФА. И ги презедоа легално, затоа што меѓу клубовите во тоа време не беа свесни што губат. Потоа почнаа да се свестуваат и полека почнаа и федерациите и клубовите да го бараат назад располагањето со ТВ-правата. Исто така е нејасно, како и согласно што и на кој начин, и кај нас во Статут на ФФМ е дека фудбалската федерација располага со ТВ-правата на клубовите. Клубовите, дури и кога станаа акционерски друштва, кај нас не успеаја да си ги заштитат своите права, тоа што ним им припаѓа согласно статусот на натпреварувач во фудбалските натпревари. Но, кај нас уште од почетоците на независна Македонија, Фудбалската федерација е под политичко-општествените влијанија, на некој начин и приватизирана и единствениот фокус на раководствата досега во историјата било како да се осигураат за што подолго владеење, а не за фудбалот“.

МАЛКУ КОЈ МИСЛИ НА ФУДБАЛЕРИТЕ – БОРБА ЗА ШТО ПОВЕЌЕ НАТПРЕВАРИ НА ГОДИШНО НИВО, ЗАТОА ШТО СЕКОЈ НАТПРЕВАР НОСИ ПАРИ

Но, во суштина желбата и на големите европски клубови е да се поделат од оние помалите. Тоа е секако надвор од секаква спортска логика, поради што и наиде на така сериозен отпор од навивачите во Европа.

„Кои пари се вртат во фудбалот? Ете, согласно одредени податоци за период од три години, од 2016 до 2019 година, во Премиерлигата се завртиле 6,9 милијарди евра. Во Бундеслигата – 5 милијарди евра. Ако ги погледнеме сумите, а знаејќи ја психологијата на функционирањето на капитализмот, или грубо кажано – алчноста, тогаш и фудбалот, како и во капитализмот, има поделба по класи. И затоа оние најголемите клубови сакаат да се поделат, по класа, од оние малите. Тука е нивната борба за формирање на Суперлигата, желбата да се добијат средствата кои во голема мера одат во рацете на ФИФА, УЕФА и националните федерации. Но, од се што се случуваше тие само неколку денови на ‘постоење’ на Суперлигата, јасно е дека водечките светски фудбалски асоцијации се многу силни и изградиле еден монопол во организирање на натпреварите, формално-правно изграден на цврсти темели контролирајќи го комплетно фудбалот, вклучувајќи ги и националните селекции. На пример, издвојувајќи ги овие клубови кои сакаат да формираат Суперлига тогаш ќе има последици и за клубовите, но и за нивните фудбалери. Всушност, како што и реагираше веднаш самата УЕФА, бидејќи во неа е ‘камшикот’. Затоа што формално-правно УЕФА си е во право. Во секој случај, може да се даде генерална оценка дека клубовите бараат поинаква распределба на приходите, посебно оние од телевизиските права“ – вели Томовски, и дополнува:

„Мора да истакнеме дека инфраструктурните услови сега се на едно крајно високо ниво, па веќе натпревари се одржуваат и низ сите 12 месеци, и во зимските месеци. Па сега е тоа една силна трка за што повеќе натпревари, затоа што секој натпревар носи повеќе пари, тоа носи и повеќе пари за фудбалерите, но да бидеме реални веќе сме на границата на издржливоста на фудбалерите кои играат и по 60-70 натпревари во една сезона, само поради таа се поголема комерцијализација. И тоа е навистина премногу, а ја забораваме суштината на спортот, а тоа се емоциите, желбата за успех, предизвикот, љубовта, радоста. Модерниот фудбал, според мене, некако премногу се униформира па, гледајќи се што се случува, веќе се отиде до најбизарниот момент – тимовите и фудбалерите веќе вежбаат и како да се радуваат, што е надвор од памет. Сакам да кажам, до каде е стигнато со униформирањето на спортот, а каде е се останато од основниот тренинг па се до самиот натпревар“.

Суперлигата не го издржа првиот обид за формирање. Но, дали големите клубови ќе се откажат од оваа идеја?

„Капиталот е како вода, секогаш ќе ги најде своите патишта. Мислам дека нема да се откажат, а лично мислам дека во блиска иднина двете страни ќе најдат компромис, затоа што, сепак, не се случајни луѓе тие што ги контролираат најголемите светски клубови, ниту пак УЕФА комплетно може да оди контра нив. Компромисот ќе се бара во поголемо учество во делот на групната фаза, во зголемен број на натпревари во тој лига-дел. Во секој случај, мислам дека клубовите кои се појавија со идејата за Суперлига нема да се откажат така лесно во битката за своите права. Но, јасно е дека силата е во УЕФА и ФИФА и тука тешко дека нешто може да се промени во блиска иднина“ – нагласува Томовски.

УЕФА И ФУДБАЛСКАТА ПОДЕЛБА НА ЗЕМЈИТЕ НА „ГОЛЕМИ И МАЛИ“

Поделбата која ја бараат клубовите од Суперлигата, без сомнение, ќе биде разгледувана и анализирана и од водечките луѓе на УЕФА. Всушност, и Европската куќа на фудбалот, сакајќи да ги задоволи „големите“ ја воведе и Лигата на нации, а на некој начин и новата Конференциска лига на клупско ниво кажува дека размислувањата за во иднина се во таа насока.

„Последните десеттина година недостасуваат термини. Во трката за што повеќе натпревари и на клупско и на репрезентативно ниво, почнаа да недостасуваат термини. Порано имаше термини за пријателски натпревари со тоа што секогаш јасна беше поделбата кој со кого може да игра. Сега УЕФА што направи со Лигата на нации. Ги подели сите репрезентации таму каде што мислат дека им е местото. Да се дружат богатите со богатите, сиромашните со сиромашните. Добивме едно натпреварување кое на извесен начин и го покажува размислувањето на УЕФА, а тоа оди во правец на тоа што го бараат клубовите од Суперлигата. Ќе си има слоеви и во фудбалот, и ние ќе мора да се помириме со тоа. Лигата на нации го покажува правецот во кој размислува УЕФА, а и новото клупско натпреварување, Конференцијата лига, е токму и тоа уште поголемо разделување на оние најголемите клубови од останатите. Но, јасно е дека и во сето ова УЕФА мора да ја води играта, и нема да дозволи клубовите да ја преземат улогата на креатори на фудбалот во светот“.

Се вчитува...