Долг и тежок ќе биде периодот на привикнување на фановите на ракометот во нашата држава на новата реалност во која се наоѓа македонскиот ракомет, реалност која не носи на нивото на кое бевме пред 2008 година, реалност која ја живеат голем дел од репрезентациите од најблиското опкружување кои или никогаш не биле на големо натпреварување или таквите настапи можат да се избројат на една рака. Дефинитивно, македонската ракометна репрезентација нема капацитет за достојно да ја презентира државата (каква и да е) на меѓународна сцена. Барем не во вaкви околности.
По дебаклот од Египет тоа го призна и селекторот Брестовац, иако сите ние барем за момент се израдувавме на „одлична“ група и шанса за висок пласман. И веројатно Чиле на утрешниот натпревар ќе ни покаже дека, за жал, проблемот не бил во нашите досегашни противници во групата, кои со двоцифрена разлика спортски не понижија, проблемот е многу подлабок, по суштински…
Овој пораз повторно ме натера да размислувам, која е разликата на онаа генерација македонски ракометари предводена од Лазаров, која долги години ја радуваше нацијата со оваа со која настапуваме во Египет. Играчи кои се носители на своите екипи, екипи кои играат во Европа со успех. Иако сум и повеќе од субјективен, можноста која им ја даде Металург на десетина репрезентативци да играат на високо ниво, предводени од титулар на клупата, надополнета со Лазаров кој на својот зенит во Барселона и Ристовски во Бундес-лигата е бесценета. Во моментов Македонија (оваа што отпатува во Египет) покрај Лазаров, Митревски и Стоилов нема играч кој е „фактор“ во својот клуб, тоа е сепак премалку за успех на голема сцена.
Останува само нејасно што очекувавме од нашиот вчерашен противник предводен од Гарсија Парондо како селектор кој многу добро знае од каде доаѓа најголемата опасност по неговиот тим. Со подлабока зона на Лазаров, притоа не дозволувајќи му на Стоилов да одработи со блок игра два на два, го остави капитенот еден на еден при тоа немајќи шанса да се наигра. Нашиот стручен штаб со тактика на влегување на нашето десно крило на „втор пивот“ уште повеќе му ја олесни работата на противникот, поставувајќи „фластер“ на Лазаров и на тој начин комплетно да го ограничи нашиот напад. Токму поради тоа, во оној регуларен дел од мечот, во првите 20-30 минути нашите пивоти немаа употреблива топка од капитенот, сегмент на кој би требало да се темели нашиот напад ако сака(в)ме да имаме добар резулатат. Велам добар резултат, не и позитивен, затоа што за победа против вакви противници како што се Шведска и Египет ти треба нешто повеќе од добар напад, а тоа е одлична одбрана.
За нашата зонска одбрана навистина нема што да се каже. Чуството на страв и недостиг на самосоверба, веројатно поддржано од ограничениот квалитет на одредени играчи, а надополнето со неподготвеност да се остави последниот атом од снагата на терен доведува до индивидуализам, каде секој гледа „неговиот“ човек да не биде тој што ќе постигне гол, при тоа губејќи ја филозофијата на зборот зона. На тој начин тешко може да се создаде ситуација на изнудена грешка, добивање дуел со многу посилен противник и давање на потребна поддршка на и така просечните голмани на нашата селекција во Египет.
Како и вообичаено, факторот изненадување и на овој натревар изостана, што и да подразбира тоа во промена на начинот на кој би требало да се спротивставиме на некој кој е објективно посилен од нас. Којзнае дали голем дел од овие момци кој не претставуваат на СП се подготвени за тоа.
Утре доаѓа Чиле, на натпревар за втора фаза и уште три противници од втор ешалон против кои немаме пријатно искуство на ова големо натпреварување. Противник кој ни е познат, со Матео Гаралда на клупата како светски тренд на ангажирање стручњаци од поголемиот брат на пиринеите, противник кој може да очекуваме повторно да се обиде да ја ограничи оската Стоилов- Лазаров и да остави да решаваат останатите наши репрезентативци. Не смее да се дозволи таква ситуација, капитенот да не биде вклучен во секој наша напад, тоа едноставно е луксуз што не смееме да си дозволиме.
Среќно момци!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА