Конечно малку радост за нашите момци на СП во Египет, радост за сите искрени навивачи на македонската ракометна репрезентација. Честитики за победата момци, совладан е Чиле, оправдан е епитетот фаворит и остварена е зацртаната цел, пласман во втората рунда каде што не чекаат Словенија, Русија и Белорусија.
Има едно правило во спортот, а тоа е дека противникот ќе игра квалитетно колку ќе му дозволиме, а богами и обратно. Победа е победа, и тоа никој не смее да го оспори, но мораме да бидеме реални дека Чиле како во минатото, така и во овој момент не е противник од кој треба да стравуваме и да го глорифицираме. Вчерашниот натпревар со сигурност ќе донесе неколку позитивни работи за нашиот национален тим. Покрај играњето во втората фаза и уште најмалку три квалитетни натпревари за дел од нашите дебитанти, она поважното е што за едно ниво ќе ја подигне самодовребата кај одредени играчи, кои со неиграње во своите клубови и лошите партии на ова СП ја загубија.
Стартуваше селекторот на вчерашниот натпревар со Чиле со Мишевски во два правци, како централен бранител во зоната 6-0 каде што „друштво“ му правеше Маркоски на позиција тројка и како организатор на играта во напад заедно со Кузмановски и Лазаров. Очигледно селекторот се уште ја бара идеалната постава во одбранбената зона, имајќи предвид дека секој натпревар го стартува со различни играчи. Тоа е нормално, кога нешто не функционира. Така беше и на овој натпревар, каде што нашата одбрана, против брзите и не така високи Чилеанци кои напаѓаа простор во зоната, во одредена мера беше инертна и дефокусирана. Особено тоа доаѓаше до израз во делот каде нашиот стручен штаб „ги спои“ Стоилов и Маркоски, двајца „тешкаши“ на кои страничното движење не им е најдобра особина. Сепак, за разлика од минатите натпревари, на вчерашниот против Чиле нашите голмани беа и повеќе од солидна поддршка на нашата зона и тоа за првпат на ова првенство ни даде можност да истрчаме неколку транзиции и да постигнеме неколку „лесни“ голови, исфрлајќи го стружанецот Костески во преден план.
Во нападот нашиот противник очекувано беше фокусиран на нашата десна страна, каде со играч кој не е габаритен но секако многу подвижен се обиде да го ограничи влијанието на капитенот Лазаров. Свесни дека во ситуација кога нашите пивоти ќе се постават добро на позиција пет во зоната на противникот, одбраната нема многу шанси за позитивен исход, директниот чувар на Лазаров не дозволуваше „да прими блок“ и остануваше во ситуација „еден на еден“ оставјќи ги Стоилов и Пешевски бескорисни високо во зоната на чилеанците. Како решение на поставената зона на селекторот Матео Гаралда, се обидовме да „го спуштиме“ чуварот на Лазаров со влегување на втор пивот на нашето лево крило Димитриоски и на тој начин Лазаров доаѓаше во ситуација да има опции да шутира или да проигра диагонален пивот. Тоа го искористи корпулентниот Пешевски кој одлично реализираше на асистенции на капитенот.
Од друга страна, Кузмановски по црвениот картон против Египет покажа дека е единствениот, каков-таков, дуел играч во нашиот ростер и заедно со Танкоски солидно го користеа присуството на Лазаров и вниманието на противникот на него. По повредата на Танкоски и недовербата која на себе ја навлекоа Талески и Мишевски, Крстески доби можност да одигра повеќе од вообичаеното и солидно ја искористи. Кога ќе се подвлече црта нападот беше подобриот дел од нашата игра на овој натпревар. Во иднина сепак мора да се размислува за приклучување на селекцијата играчи кои можат да одиграат еден на еден. Во тој сегмент сме навистина тенки. Централен бранител со специјални задачи исто така е апсолутно неопходен. Играта два на два со пивотите е добра опција, но не и перманентен рецепт за успех.
Иако јавноста имаше забелешки за тоа во која мера нашите репрезентативци го оставаат срцето на терен, моето мислење е дека тоа во никој момент не е спорно. За разлика од првите два натпревари со противници кои не дозволуваат контакт и прекин на движење на топка, нивото на техничката подготовка и искуството кое го имаат (или немаат) Чилеанците ни дозволи да делуваме пожртвувано и борбено. Очигледна е големата желба на нашите момци во Египет за добра презентација на македонскиот ракомет.
Утре следува натпревар со Словенија, селекција со многу „зналци“ во својот ростер, со висина на средината од одбранбената зона и со Блаж Јанц како вонсериски потенцијал. Ние мораме да бидеме агресивни и да бараме дуел игра со многу прекини. Нивните голмани се една од најслабите карики. Ако Лазаров и Кузмановски погодат од надвор, нашите пивоти ќе знаат да го искористат просторот покрај високите Благотиншек и Мацковшек и слабата физика на Доленец на позиција два. Тоа е предуслов за добра претстава.
Среќно момци!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА