АНАЛИЗА Горан Ѓоргоноски: Талески и Кузмановски не можат заедно во напад, немаме ни „јунаци“ во одбрана

  • Шведска има систем, цврста и подвижна 6-0 зона што функционира како по учебник.
  • Талески и Кузмановски уште еднаш покажаа дека заедно не можат да функционираат
  • За промена против Египет ќе треба да направиме и некој фаул во играта

 

И покрај тоа што на овој шампионат допатува без дузина ракометари, со состав на играчи кои се анонимуси за обичниот свет, лулката на ракометот и повеќекратен светски шампион, селекцијата на Шведска покажа дека и тоа како има широк ростер на играчи и што е многу поважно – систем кој го негува долги години и ситем кој треба да го прифати и да е соодветен да го спроведе секој кој сака да биде дел од „избраните“. Систем што значи цврста и подвижна 6-0 зона која функцинира како по учебник, транзиција и лесни голови како последица на добрата зона, перфектна техника за сето тоа да може да биде возможно… систем што секој кој е малку упатен во ракометот го знае и го почитува.

Систем за кој нашата национална селекција синоќа немаше подготвено против-игра, или можеби нашите момци на терен не можеа да ја спроведат.

Стартуваше нашата селекција исклучително стрпливо во нападот, со Талески, Кузмановски и Лазаров на бековски позиции и Стоилов, дебитантот Кузманоски и Поповски како предна линија. Уште на самиот старт беше воочливо дека Македонија на овој дуел ќе има голем проблем да ја „реши“ зоната на противникот на поставен напад, без вистински дуел играчи, без гол-два надвор од девет метри и без фактор изненадување од страна на стручниот штаб. Се што видовме беа долги, стерилни и предвидливи напади со постојано „спуштање“ топки на пивотмените, за кои шведскиот селектор имаше подготвено соодветна тактика, која се сведуваше на многу ќотек кој го добија Стоилов и Пешевски. И сето тоа со пресметана цена на неколку исклучувања за Швеѓаните и трошење на нашите најголеми адути на овој натпревар.

Како резултат на сето ова, и без којзнае каква поддршка од голманите, но со солиден број на изнудени технички грешки, противникот постигна доста „лесни“ голови кои знаат да бидат непријатни и демотивирачки да делуваат на тимот, особено кога е воглавно млад и без соодветна самодоверба.

Податокот дека Талески не постигна ниту еден погодок на синоќешниот натпревар, а Кузмановски само еден од цепелинот со капитенот Лазаров, покажува дека очекувањата на дел од јавноста за поволен резултат се нереални, имајќи предвид дека тие двајца се новата перјаница на националниот тим  но и дека нивни замени во репрезентацијата се младите Мишевски и Танкоски кои без никаква или многу мала минутажа се оваа сезона во своите клубови. Големата надеж на нашиот ракомет, Талески и Кузмановски уште еднаш покажаа дека заедно не можат да функционираат, а и дека се далеку од пристапот на игра кои го имаа нивните претходници Миркуловски и Мојсовски, играчи кои до максимум го користеа присуството на Лазаров на терен и вниманието кое секој нормален селектор ќе го посвети на неговата игра. Ова особено важи за Талески кој и оваа година не игра на ниво кое се очекува во својот клуб. Својствено на тоа и во националната селекција. Тука мора да се напомене дека нашата селекција се темели на играта на играч како Талески, кој „троши“ огромна минутажа во два правци.

На другиот дел од теренот, нашата зона на стартот делуваше конфузно прелевајќи се од 5-1 со Мишевски на преден кон 6-0 со Талески и Мишевски како централни бранители. Уште пред стратот на ова првенство требаше да бидеме свесни дека оваа селекција, вака избрана нема „јунаци“ кои ќе го понесат товарот во одбрана, дека Стоилов имајќи предвид Ковид сезоната тешко ќе се снаоѓа во два правци, дека Маркоски делува преспоро и неодговорно спрема ракометот како спорт кој бара многу трчање и издржливост и на крај на денот, дека Мишевски и Талески не се во моментов класа за нешто повеќе на големо натпреварување. Наместо плитка зона која, според она што го слушнавме од селекторот на тајм-аут, требаше да ја играме, имавме 6-0 или некоја 5-1 зона со двојка и петка кои повеќе „пливаат“ во празно отколку што ја згуснуваат зоната и им помагаат на позициите три и четири. На тој начин многу тешко може Стоилов на двојка да го чува Готфридсон и остава постор за Ване да втрчува и поентира од втор пивот.

Принудни и хазардерски решенија со Поповски на двојка и напад 7-6 не можат да вродат со плод против сериозен систем каков што е шведскиот, на едно големо натпреварување. Нема одбрана, нема „лесни“ голови во транзиција, нема позитивен резултат, што и да значи тоа. Натпреварот заврши на стартот на вториот дел кога противникот се одвои со резултат 19-11.

Ако треба да бараме алиби за нашата игра вчера може да го најдеме во навистина краткиот период за подготoвка и што е уште поважно, за адаптација во однос на климата и (не)доволно временски простор за одржување на адекватен тренинг.

Овој пораз не е толку важен и не треба да му се дава толкаво внимание. Но, тоа што заслужува внимание е дали Македонија има систем на игра, кој е прилагоден на физичките и менталните карактеристики на регионот во кој живееме, прилагоден на антропологијата на играчите и децата кои трчаат по ракометната топка и на крајот на денот дали селектираме играчи кои можат да го почитуваат поставениот систем. Или ќе чекаме да се роди нов Лазаров и следните 10-15-20 години големо натпреварување ќе гледаме на ТВ. Во овој момент ние сме непрепознатливи во тој сегмент.  Тоа треба да не загрижи и да не спушти на земја, да се направи национален концепт, да се дефинира поентата на ваучер ситемот како алатка на подигање на условите за работа во нашата земја (инфраструктура), за инвестирање во струката која „каска“ и е во немилост на ситсемот, за инвестирање на исклучиво млади македонски играчи. А не средства од ваучер (читај од данок на добивка т.е пари на државата) да се трошат за кратки „блесоци“ на клубовите потпомогнати од второразредни странски играчи од опкружување или за отворање на one men show клубови.

Следува домаќинот Египет, исклучително цврста и тркачки подготвена селекција против која ако сакаме претставување во позитивно светло мораме или би требало „фараоните“ да ги насочиме на многу повеќе игра пред голот на Митревски/Томовски, да се обидеме да се „судриме“ со противникот и за промена да направиме фаул во играта, а како последица на тоа да „истрчаме“ неколку контри. За да не ни се повтори Шведска.

Се вчитува...