Македонскиот стратег Марјан Илиевски е тренерот кој ја донесе првата меѓународна клупска титула во Косово, откако со тимот на Сигал Приштина се закити со трофејот во БИБЛ. Тој имаше можност за соработка со значаен дел од актуелните репрезентативци на Косово, меѓу другите и со главниот играч на нашиот денешен противник, Дардан Бериша.
„Не е тајна дека клучот во одбраната ќе биде да се запре Дардан Бериша, тој е капитен на селекцијата, а кога се наоѓа на теренот делува и како тренер на Косово. Говориме за кошаркар кој е комплетен напаѓач, може да погоди од најразлични позиции и да ја крене целата екипа, но и присутните во салата. Тој знае да излезе од рамките на вообичаените завршници на нападите што го прави непредвидлив и затоа мора да се остане 100% фокусиран кога се игра одбрана на него. Доколку Македонија го неутрализира овој играч, би завршиле голем дел од работата. Севкупно гледано, нашата бековска линија составена од Теодор и од Војдан Стојановски е далеку покомплетна и доколку одиграме на посакуваното ниво би требале да дојдеме до позитивен резултат“ – вели Илиевски.
Младиот стратег, кој е шеф на стручниот штаб на новиот прволигаш Блокотехна, имаше можност како тренер да ја води екипата на Приштина во преполната сала пред над 8.000 фанови. Атмосферата знае да биде застрашувачка за гостите, но Илиевски открива дека таа создава притисок и за домашните играчи.
„Сме добиле бројни натпревари благодарение на публиката, но кога ќе стане збор за важен натпревар каков што е овој денешниот меѓу Косово и Македонија, тогаш салата и поддршката од трибините носат и уште поголем притисок врз самите домашни играчи. Доколку работите не одат како што посакуваат домаќините станува тензично, расте нервозата во домашниот тим, а притисокот од трибините само ја усложнува ситуацијата. Затоа, многу важно ќе биде добро да се отвори вечерашниот дуел за притисокот да се пренесе врз кошаркарите на Косово“ – порачува Марјан Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА