Анализа на најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за репрезентативниот старт на Лигата на нации, и очекувањата да се дојде до првото место во групата.
=================================================
Во деликатен момент, со непотребно создаден притисок врз националната селекција, државниот тим успеа да се издигне над целокупната негативна енергија која вештачки беше создадена деновиве, и мора да се каже – заедно со навивачите да оствари неопходна победа за запоседнување на врвот на табелата во Лигата на нации.
Ниту лошите временски услови, ниту проблематичното исклучување на Зајков кое според мене беше престрого, а ниту оној негативен електрицитет по ремито со Фарските острови, не ги спречи момците на Боби Милевски да дадат се што беше потребно, и навистина со добра игра да не израдуваат со бодови кои го враќаат оптимизмот во овој циклус од Лигата на нации.
Неуспешниот старт е анулиран, и секако треба да послужи како добра опомена за следните натпревари. Не дека македонската репрезентација и во минатото немала вакви и слични киксеви со послаби и потценети репрезентации, но да бидеме објективни ги имале и многу подобри репрезентации од нас. Најважно е, поуките од таквото искуство добро да се извлечат, за да не се повторуваат. Затоа што Енис Барди и другарите, во овој момент, покажаа дека и тоа како знаат да се носат, пред се, со притисокот и негативната атмосфера на која неправедно беа подложени.
Добрите моменти и игра од мечот со Ерменија треба да го вратат оптимизмот и самодовербата во репрезентацијата. Залагањето, жарот, единството во тимот (како што вели Барди сега составен од, пред се, квалитетни луѓе со врвни човечки особини) и начинот на кој стигнаа до победата се показатели како понатаму да се продолжи. Затоа што тие момци навистина имаат квалитет. Мора да им се честита на победата затоа што не беше воопшто лесна, и да им се даде целосна поддршка. Пред се мир! Репрезентацијата мора да остане надвор од „игрите за престолот“… „Војни“ не се водат на грбот на репрезентацијата и фудбалерите! За да се врати чувството кај нив дека сите едногласно навиваме за нив, ги поддржуваме, и пред се, почитуваме! А, сигурен сум дека допрва сите нас ќе не радуваат со најдоброто од нив во оваа Лига на нации!
Барди е мозокот на екипата, вистински лидер… Елмас ни остана должен, но знам дека ќе се врати оној вистинскиот на следните натпревари кога ќе ни е најпотребен!
Кога би го анализирале пооделнo настапот на фудбалерите на стартот од Лигата на нации, мора да се истакне дека Енис Барди е лидер во тимот, вистински капитен, кој секогаш дава тонус на играта, мозокот на екипата. И не само поради постигнатиот феноменален, многу значаен гол. Но, со целокупната игра на терен и односот покажа дека не случајно е најдобриот наш фудбалер во моментов и еден од најдобрите во Турција.
Уште од почетокот на 80-тите години од минатиот век, уште како дете кога ги следев македонските клубови, паметам дузина наши македонски фудбалери кои биле извонредни изведувачи на слободни удари, како Борче Мицевски, Васил Рингов, секако и Златко Настевски од Пелистер кој беше играч кој феноменално ги изведуваше овие удари. Сега, по подолго време изминатава декада го добивме Барди кој со години покажува дека тоа кај него воопшто не е случајност. И, може да го исфаворизирам, па да кажам дека можеби е веќе и најдобриот во македонската фудбалска историја за изведување слободни удари, за нијанса подобар од сите претходни.
Ништо помалку убав вчера не беше и погодокот на Бојан Миовски, интересен и навистина интелегентен гол. Треба упорно да продолжи да работи, има огромен потенцијал во него и сигурен сум дека неговото време допрва доаѓа.
Елиф Елмас, како и Алиоски, ни останаа должни на овие два натпревари. Се чувствува недостатокот на натпревари кај нив, но сите многу добро знаеме дека Елиф апсолутно има европски квалитети и сигурен сум дека повторно ќе биде оној стариот Елмас кој ја радувал Македонија со одлични потези и акции. Немам никакви дилеми дека ќе се врати онаков каков што го знаеме, веќе на следните натпревари во Лигата на нации, тогаш кога ќе е најпотребно!
Ме радува тоа што се врати и Давид Бабунски во средниот ред, одигра добар натпревар иако му недостасува малку рутина, но мора да се каже дека навистина и тоа како носи дух во оваа репрезентација.
Мислам дека одбраната ја покажа неопходната стабилност против Ерменците. Факт е дека најпроблематични се бековски позиции, меѓу другото и поради лошата форма на Алиоски, но вчера Ашковски навистина добро одговори како десен бек, а Димовски очигледно напредува се подобро и подобро. Столе Димитриевски е секако веќе наша стандардна стабилност. Иако некои мислеа дека можеби ќе влијае кај него тоа што сега не е стандарден во Валенсија, но повторно ја демонстрираше својата сигурност иако немаше некои пренагласени опасни позиции за противникот, со оглед на тоа што и тактички одбраната беше навистина добро поставена.
Се на се, чиста десетка за момците, затоа што извојуваа тешка победа под тешки услови. Сигурен сум дека, ако вака продолжат да играат, реално на крај треба да завршиме како првопласирани во групата од Лигата на нациите!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА