Анализа на најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев на првиот октомвриски натпревар во Лигата на нациите, и очекувањата да се дојде до првото место во групата.
=========================================================
Најпрво честитки за момците и стручниот штаб за прикажаното во Рига, и објективна благодарност што ни приредија една убава вечер во пресрет на празникот 11 Октомври.
Покажаа на натпреварот една зрелост, сериозност и мудрост во играта што на крај не донесе до резултатот. Мислам дека оваа генерација полека оди кон својата посакувана фудбалска зрелост, демонстрирајќи паметна игра, без многу брзање а со реално искористување на можностите со кои се располага. Објективно, сите сме свесни дека имаме подобар тим од Летонија, но имаа и тие свои моменти преку кои ни создаваа проблеми. Затоа оваа победа е многу важна. Многу се незгодни такви противници против кои секогаш е тешко да се вратиш ако постигнат погодок. Затоа, свесни за сето тоа, ја нагласувам и паметната, трпелива игра на македонските репрезентативци, за полесно да се дојде до триумфот.
Ова се многу важни три бода во битката за првото место. Синоќа и Фарските острови, и против Ерменија, покажаа дека се незгоден противник, но ни направија услуга па сега е веќе јасно дека секако последните два меча во Скопје ќе одлучуваат за првото место. А, со позитивен резултат во Ереван и речиси сигурно се отвора вратата за Б-Лигата на нациите.
Анализирајќи ги репрезентативците, Столе Димитриевски имаше одличен меч, вчера вистински командант на одбраната, максимално сигурен при секое нафрлување пред македонскиот гол. Малку ми е криво што не го посака и среќата да го постигне тој гол на почетокот од натпреварот, затоа што ќе беше сигурно еден од најубавите што некој голман го постигнал во историјата на фудбалот. Во секој случај, прекрасно ја заврши својата задача.
Одбранбената линија е веќе стандардизирана, со квалитетна игра на стоперите, и покрај соочените проблеми со составувањето на тимот. Но, двајцата централни дефанзивци, Муслиу и Манев, со тактичка поддршка вчера и на Алими во текот на целиот меч, беа сигурни, блиски во игра до нивните напаѓачи успевајќи максимално да блокираат. Мора да нагласам дека на Македонија и тоа како уште многу ќе и е неопходен еден Алиоски. Но, апсолутно јасно е дека ќе му биде неопходен што побрзо клуб во кој континуирано ќе настапува, затоа што очигледно е неговото неиграње и покрај неспорните квалитети кои ги поседува. Мој совет е ако е неопходно да се врати дури и во македонското првенство, кое знам дека не е на негово ниво, но најважно е да се врати во ритам, затоа што и е потребен на македонската репрезентација. Слична е ситуацијата и со Дарко Велковски, кој е одличен играч, но мора што побрзо да најде клуб!
Средниот ред на чело со константно добриот капитен Енис Барди, кој е веќе носител на нашата игра беше максимално функционален и покрај одредени недостатоци. Исник Алими вчера го одигра најдобриот натпревар во македонскиот дрес со извонредна поддршка и на одбраната, но максимално во функција и на средниот ред. Задоволство ми е и што Давид Бабунски се враќа во формата во која посакуваме да го гледаме, и станува сериозно конкурентен за постојано место во првиот тим. Всушност, сите посакуваме селекторот Милевски повеќе да го ‘боли глава’ околу тоа кого да стави на одредена позиција во позитивна смисла, отколку како досега да го ‘боли глава’ од тоа што нема кого да стави на одредена позиција.
Елиф Елмас синоќа го добивме назад во својот сјај. Имаше два феноменални моменти кои сигурно се за издвојување. Првиот гол беше негово дело, извонредна акција, проигрување кое го можат само големите мајстори на фудбалската игра. Со извoнредно чувство го пронајде Миовски кој исто така феноменално се отвори, со одличен прием во апсолутно тешко ситуација, со играч пред себе, го пронајде Атанасов за погодок. А, Јани Атанасов го демонстрираше тоа што сите фудбалери од средниот ред треба почесто да го прават, навремено уфрлање пред и во противничкиот шеснаесетник за да може и тие да бидат опасни по противникот, а не само да се чека на офанзивците. Навистина сум пресреќен за Елиф затоа што и со оној извонреден гол на крајот како да сакаше да му покаже на Лајпциг кој е тој, за да знаат Германците што имаат во своите редови. Мислам дека сега влегува во најубавите фудбалски години во кои ќе го даде најдоброто од себе во кариерата, и токму затоа сум убеден дека, ако Лајпциг продолжи со досегашниот однос кон него, треба да бара во зимскиот преоден рок ново решение за себе. Елиф има и квалитет и сили за богата надградба на својата кариера во иднина.
Мора да го спомнам и Бојан Миовски. Драго ми е што Македонија по едно подолго време добива еден вистински шпиц-играч, вистински голгетер кој знае како да помага во нападот и тогаш ете кога не постигнува голови, има одлична скок-игра, прием и лесни проигрувања со соиграчите. Знам дека најдоброто од него сега ќе следи!
Сериозно позитивен момент се замените во второто полувреме, кои демонстрираа што значи единствo во еден тим. Еднакво мотивирани како и стартерите внесоа одлична свежина на тимот. Лирим Ќамили и со дефанзивниот свој однос, но и со постигнатиот гол во клучниот момент од мечот покажа зошто игра во првенството на Данска и зошто е викнат во репрезентацијата. Да не ги истакнувам и Милан Ристовски кој секогаш е во функција на тимот, и донесе нов ритам на играта со неговото влегување, но и Костадинов, Димоски….
Сега не чека натпревар во кој треба да пристапиме порастоварено. Можеби сега е момент да бидеме како големите европски репрезентации кои при вакви или слични ситуации играат паметно, на резултат. Мора да одиграме паметно, трпеливо и со позитивен резултат да го отвориме патот кон првото место во групата, што би било нов одличен успех со прв пласман на селекцијата во историјата во Б лигата од Лигата на нациите. Среќно во Ереван за сите наши момци и за стручниот штаб на чело со Боби Милевски, и верувам дека може повторно да не израдуваат и да одиграат најмалку на нивото демонстрирано во Рига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА