Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026
Паметна, рутинска и очекувана победа на македонската репрезентација. Погодок уште во раната фаза од натпреварот кој потоа овозможи комплетно одржување на натпреварот под целосна контрола, без трошење енергија затоа што на вакви натпревари така и се игра! Затоа што, од друга страна, таа енергија ќе ни биде неопходна за натпреварот во вторник против Велс на домашен терен, кој е еден од најважните за текот на овие квалификации. Искрено се надевам дека со силна поддршка од трибините, овие момци ќе знаат и ќе можат да дојдат до позитивен резултат кој би не истакнал како сериозен кандидат за второто место во групата кое води кон евентуален мундијалски бараж, ако ја издвоиме Белгија како главен фаворит, пак, за првата позиција.
Не би издвоил никого посебно од македонскиот тим затоа што и не беше некој спектакуларен натпревар со издвоени поединци, но сите одиграа на висина на својата задача – добро и сигурно, знаејќи дека сме подобри од противникот. Како што кажав и во некои претходно мои анализи, навистина ми се допаѓа што оваа репрезентација веќе знае да игра мудро на секој натпревар, и таа своја зрелост во играта ја покажуваат на еден добар начин искористувајќи го адекватно колективот дополнет со индивидуалниот квалитет за да се дојде до посакуваната цел. За сите нас треба да биде задоволство што како екипа овој тим на Благоја Милевски покажува мудрост во играта, преку која нема да си дозволи киксеви од типот на Андора, Луксембург, па и Лихтенштајн со кого исто така во минатото сме знаеле и да ремизираме.
Ако погледнеме пооделно по линии во играта, одбраната одигра одлично без многу работа а тоа што го имаше како предизвик го одигра како што треба, фудбалерите од средниот ред умешно контролираа без премногу напор, а нападот доволно концентриран да постигне три гола со креирани и одреден број шанси. Се на се кога ќе се сумира, може да бидеме задоволни од победата, затоа што секоја победа во овие квалификации ќе ни биде и тоа како важна, без разлика што е против Лихтенштајн. А сега целокупната концентрација оди на натпреварот против Велс.
Мора да кажам дека стравував само од една работа на овој натпревар, да не ни „настине“ нашиот голман Столе затоа што имаше некој незгоден ветер низ целиот тек на натпреварот, а човекот „јаден“ остана без работа речиси 90 минути, па незагреан да не ни „настине“ и да го загубиме за натпреварот со Велс.
Во секој случај, браво момци! Уште една убава победа во низа без примен гол! Продолжете само така со соборување на сите тие рекорди кои се пред вас, и се надеваме дека против Велс ќе бидете на висина на задачата и ќе одиграте еден врвен натпревар против квалитетната селекција на Велс покажувајќи дека имате своја фудбалска вредност. Тој меч во вторник нека биде патоказ за вистинската ваша вредност и квалитет како подготовка потоа и за настапите во Б-дивизијата од Лигата на нациите против навистина квалитетни европски селекции!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА