Анализа на ДАРКО ПАНЧЕВ: Секој кој и малку знае фудбал треба да му оддаде почит на Милевски за се што прави со репрезентацијата!

Анализа, за ЕКИПА, на најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев на октомврискиот циклус од Лигата на нациите, и пласманот во Б-дивизијата во најмладото репрезентативно натпреварување на УЕФА.

=========================================================

Натпреварот со Ерменија можеби не беше на квалитативно ниво како претходниот со Летонија, мора да се признае дека Ерменците беа подобри на терен во првото полувреме, но од аспект на борба, желба, ангажман и тактичка зрелост играчите може да добијат само – чиста ДЕСЕТКА. Затоа што како што споменав по мечот со Летонија, мора веќе да учиме од големите селекции кога и како се игра кога е непходен резултат. И тоа како е неопходна мудроста во фудбалската игра, затоа што само резултатите, на крајот, не водат до посакуваната цел. А, ние сега на најдобар можен начин, во стилот на големите светски селекции, дојдовме до посакуваната цел!

Кога би го анализирале мечот во Ереван, мора да признаеме дека во одредени моменти фудбалерите делуваа уморно, но тоа сигурно е последица и на патувањата и двата натпревари изминативе денови, но и поради главно натпреварувачката неактивност во своите клубови кај одредени поединци. Сепак, преку тактичката поставеност, исполнителност и зрелост на целиот тим и тоа како заслужено победивме против Ерменија со два извонредни гола, мајстории кои ќе се паметат, и индивидуални потези кои само го нагласија индивидуалниот квалитет кој го поседуваат фудбалерите.

ДИМИТРИЕВСКИ, АЛИМИ И МИОВСКИ ГО ПОНЕСОА ТОВАРОТ ДО ТРИУМФОТ

Поединечно не би сакал, овој пат, да ги анализирам играчите, но би издвоил дека кога имате три едноподруго натпревари без примен гол тоа јасно говори дека одбраната квалитетно си ја завршила својата задача. Пред се голманот Столе Димитриевски со извонредните одбрани на овие два натпревари се издвојува за секоја пофалба. Ако добро погледнеме, според мене, одбраните на Димитриевски на крајот од првото и посебно онаа шанса за домашните на почетокот од второто полувреме беа еден од клучните моменти кои ни го отворија патот до триумф во Ереван.

Овој пат би го издвоил и настапот на Исник Алими кој од натпревар на натпревар веќе ја демонстрира својата класа како играч, и оправданоста што е во репрезентацијата и една од нашите клучни фигури. Претставува едно вистинско освежување за средниот ред кој и вчера покажа многу трк и борба, силна дефанзива и секогаш активно приклучување како силна поддршка за нападот. Средниот ред беше навистина стабилен, ако се исклучат одредени конфузни моменти во првото полувреме. Во целина еден одличен впечаток.

Нападот беше онака како што треба, веќе максимално воден од Бојан Миовски кој има одличен прием на топка, одличен во скок-дуелите и се гледа врвен реализатор. Како што кажав и пред овој меч, полека но сигурно добиваме врвен стрелец кој сигурен сум уште долги години ќе не радува со своите голови во репрезентативниот дрес и на клупската сцена.

ЗОШТО СЕКОГАШ И ВО СЕКОЈА СИТУАЦИЈА ИМАМ САМО ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА БОБИ МИЛЕВСКИ? 

Но, колку и да играчите секогаш се најважниот сегмент за постигнување резултат, заокружувајќи ги двата октомвриски натпревари мора да нагласиме дека ова е уште еден голем успех на стручниот штаб на чело со Боби Милевски. Ете, само нека се потсетиме дека овој исти Милевски со оваа генерација успеа да дојде до финале на бараж за пласман на Светско првенство, што знаеме колку е исклучително тешко, да се потсетиме дека истиот тој ја однесе младата репрезентација на Европско првенство, првпат во историјата на македонскиот фудбал, и ако сега знаеме дека првпат во историјата не носи во Б-дивизијата од Лигата на нации, тоа навистина се резултати и успех пред кои секој реален, и кој знае и разбира фудбал, треба да оддаде почит!

А, зошто кога е селекторот Боби Милевски во прашање, јас секогаш и во секоја ситуација позитивно зборувам за начинот на кој ја води репрезентацијата? Има една основна причина: Јас како поранешен фудбалер и човек кој ете, има разбирање за фудбалот, знам дека е одлично за нас што имаме селектор кој сака да игра офанзивен фудбал. Зошто го кажувам ова? Затоа што во годините пред него натпреварите секогаш ги почнувавме со по четири, па дури и со пет централни дефанзивци, веднаш ставајќи му до знаење на противникот дека нашата ориентација ќе биде дефанзивна а единствената тактика само да се префрли топката на противничко поле и со индивидуални потези да се дојде до евентуален гол… За разлика од сите нив претходно, Милевски сака да игра фудбал! Игра со посебно подготвена тактика за секој противник, со тројца во среден ред и два странични офанзивни бека, со тројца офанзивци, сака да има посед на топка, сака да покаже дека во тимот има поединци, сака на секој натпревар да освојува простор и патот до успехот многу често му успева. Ме радува тоа што се обидува Македонија да игра во стилот на најдобрите светски селекции. Посебно прашање е колку ние имаме квалитет да играме на тоа ниво, но за поздрав е фактот дека и со тоа што го имаме се обидуваме да го играме тоа што го бара европскиот фудбал денеска. Тоа е за респект од секој кој му мисли добро на македонскиот фудбал. Затоа е убаво ние да имаме што повеќе тренери од негов ранг. И, сега клучното. Убеден сум дека тој како селектор, доколку располага со многу поголем спектар на квалитетни фудбалери, тогаш би имале многу подобри резултати и против најдобрите европски селекции. Но, и сето ова што го реализираме, јасно е за секој искрен познавач на фудбалот, дека е навистина одлично. Затоа честитки за сите, и фудбалерите и стручниот штаб!

Се вчитува...