Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА ги анализира настапите на македонската репрезентација низ квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026
Видовме две израмнети екипи, според демонстрираниот квалитет на синоќешниот натпревар, без изразит тим на теренот кој беше нешто драматично поактивен и подоминантен. Натпреварот беше неатрактивен затоа што беше главно тактичко надмудрување од двете страни, со максимално борбена игра, зрела и претпазлива, без многу шанси и на двете страни. Јасна беше определбата на двајцата селектори да се чека грешка на противникот, и затоа на етапи секоја од селекцијата имаше свои минути на теренот.
Иако веќе одеше натпреварот кон конечен исход без голови, на наша среќа постигнавме погодок по грешка на нивната одбрана. Бојан Миовски уште еднаш покажа дека е вистински голгетер кој е тука да ги казнува грешките на противникот кога треба. А тоа е одлика на голгетерите, и синоќа повторно тоа го направи. Но, навистина штета што на крај во последните секунди од средбата не успеавме да издржиме.
Мислам дека судијата погреши што го дополни судиското продолжение за речиси плус две минути, од оние предвидените четири. Добива инструкции да продолжи четири минути, а продолжува за речиси плус две минути!? Навистина зачудувачки. И, не е ова случај само на овој наш натпревар, го има тоа на многу други натпревари кога без потреба, самоволно, се продолжуваат по неколку минути. Немам објаснување за тоа, иако е јасно дека мора да се придржуваат на инструкциите. И ако се придржуваше до тоа немаше да се случи ниту ова чудо на крај.
Кога се ќе се сумира, двете страни постигнаа по еден подарок гол, и можеби најреално ќе беше натпреварот да заврши без голови. Ве еден таков случај сигурно кај нас ќе беше задоволството затоа што игравме, сепак, против една навистина квалитетна високорангирана европската селекција која е на 29. место на светската ранг листа. Вака останува да преовладува горчината затоа што испуштивме два многу важни бода во последните секунди, кои секако би биле важни во борбата за втората позиција со Велс понатака. И сега таа горчина и болка доминираат како впечаток за натпреварот.
НЕ СМЕЕ ДА ИМА РАЗОЧАРУВАЊЕ… НАПРОТИВ!
Но, се случи тоа што се случи и сега нема враќање назад. Напротив! Не треба да бидеме разочарани, затоа што игравме тактички навистина зрело, добро се затвораа обидите за напад на противникот, се држеше топка во второто полувреме иако средната линија не искреира некои можности, затоа што и Велшаните кога ние ја имавме топката се бранеа одлично. Одбраната беше цели 90 минути навистина на едно високо ниво на задачата, со исклучок ете на тој кикс во последните секунди кој, да си признаеме, се случува во фудбалот.
И затоа, од фудбалски аспект, може да бидеме задоволни. Во таа трка за некаков пласман секој бод е важен и не треба да го потцениме овој бод кој го освоиме повеќе од заслужено. Има уште многу натпревари пред нас, и веќе свесни сме дека оваа селекција може да одигра навистина добро и на гостински терен со Велс, да игра добро и со останатите противници во групата и да ја води битката до крај. Момците не разочараа, сите беа максимално борбени на терен, очигледно пружајќи максимум од срце во овие тешки моменти за Македонија. И треба да им се честита!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА