Анализа, за ЕКИПА, на најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за настапот на македонската репрезентација во Лигата на нациите, убедливо освоеното прво место и пласманот во Б-дивизијата во најмладото репрезентативно натпреварување на УЕФА
Најпрво, не може да го прескокнеме фактот дека овие момци ни подарија репрезентативен рекорд на сите времиња, пет победи во низа и сите пет без примен гол. Навистина убаво постигнување за кое треба да им се честита, посакувајќи им уште многу идни успеси. Секако, уште еднаш и благодарност до репрезентативците и до селекторот Боби Милевски што ни овозможија во следната сезона од Лигата на нациите да гледаме натпревари на нашиот национален тим со многу поквалитетни европски селекции, кои се во Топ 30 на Стариот континент. Затоа што во оваа Лига Ц ние бевме навистина фудбалски надмоќни од секаков аспект, иако никогаш не е лесно да се стигне до вакви постигнувања со пет победи и реми, и гол разлика од 10-1, во било кое натпреварување.
И натпреварот со Фарските Острови се покажа идентичен како и со Летонија, но, според мене, овој беше и уште потежок затоа што мислам дека Фарските острови се поквалитетен тим, во овој момент, од Летонија. Се работи за поорганизиран тим, физички посилен, кој има брза транзиција и опасен од прекини. Но, ние бевме максимално ангажирани, и иако можеби се чини дека беше тоа недопадлив фудбал, екипата беше на едно повисоко ниво, беше јасно дека се игра цврсто и на резултат. Како и претходно, целта ги оправдува средствата, па најважна е победата и со 16 бода шансите за бараж за СП 2026 сега се навистина големи. Што е и најважно!
Индивидуално повторно не би издвојувал, но самиот резултат кажува дека одбраната повторно си ја заврши својата задача без примен гол и со тоа овозможи ете и со еден погодок да се дојде до целта. На напаѓачите им беше малку потешко да играат затоа што противниците се бранеа со многу фудбалери пред својот гол, и секако тешко беше да се скрши таков отпор. Но, вистинските голгетери ги користат и оние минимални шанси, затоа и постојат да ја искористат секоја грешка на противникот. Бојан Миовски тоа го направи на најдобар можен начин, искористувајќи ја нивната грешка и мајсторски реализирајќи за победа. Во секој случај, сигурно позитивна оценка за сите репрезентативци, кои не доведоа до посакуваниот резултат.
Од искуство, затоа што сум поминал многу премрежија во кариерата, сакам само на играчите да им порачам дека сега, по овој успех, треба добро да се подготват, и психички и физички, за сите следни предизвици кои ги очекуваат во репрезентацијата. Затоа што низ следните квалификации за СП 2026, но и низ следната Лига на нации во Б-дивизија, ќе се игра на едно повисоко ниво со далеку поквалитетни противници, па репрезентативците ќе треба да ги демонстрираат и сите свои индивидуални квалитети, кои несомнено ги поседуваат, за да дојдеме до нови успеси.
Посакувам среќни и успешни настапи и во квалификациите за СП 2026, па и да се избориме најмалку за бараж за мундијалски настап. А, ние сме тука максимално да ги поддржиме на нивниот пат, секако и низ критики, затоа што и добронамерните критики се неизбежен дел во желбата за подобрување и продолжување на вистинскиот пат. Убаво е секогаш да има добронамерни критики. Но, убаво е и сите оние кои жестоко ги критикуваа на почетокот од оваа Лига нации, уште не почната, сега да не молчат, и да им честитаат и заблагодарат за се што прават за македонскиот репрезентативен фудбал. Затоа што заслужуваат! И доблесно е!
ПРЕТХОДНИТЕ АНАЛИЗИ НА ДАРКО ПАНЧЕВ
Просечен меч не многу за пофалби…, но целта ги оправдува средствата!
Оваа нова репрезентација ја добива полека својата фудбалска зрелост, пресреќен сум за Елмас!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА