Анализа на Горан Андоновски: Одбраната е нашата слаба страна…, но убеден сум дека ќе ја победиме Аргентина!

ШЕФОТ НА СТРУЧНИОТ ШТАБ НА РК ОХРИД И ПОРАНЕШЕН МАКЕДОНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ И ДОЛГОГОДИШЕН ТРЕНЕР СПЕЦИЈАЛНО ЗА ЕКИПА.МК СО АНАЛИЗА ЗА НАТПРЕВАРОТ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ХОЛАНДИЈА! 

==============================================

Неподготвени отидовме на ова Светско првенство во фаза на одбрана. Прво полувреме 6-0 поставена одбрана како што треба со тие играчи кои ги имаме Маркоски и Талески на средина. Меѓутоа катастрофално ја одигравме зошто сите голови кои ги примивме на поставена одбрана 6-0 ни беа од линијата од шест метри.

Место ниските и брзи холандски бекови да ги принудиме да шутираат од девет метри тие ни се шетаа по линијата од шест метри. Нема странично движење, помагање, густина, пожртвуваност, затворање. Мораше да се тренира и подготви поконкретна одбрана, за секој противник, пред да одиме на првенството. Сега е прекасно.

Втора работа која не ја прифаќам е да играме брзо против екипи кои се многу побрзи од нас. Сигурно дека Грција не ја победи Холандија минатата година со брза игра. Не смееме со Норвешка и Холандија да играме брз модерен ракомет, а тие се три пати побрзи од нас. Сами влегуваме во тунел без излез. Вчера два три пати стигнуваме до некој резултатски приклучок и со брзоплетост за две до три минути примаме три до четири голови.

Меѓутоа стручниот штаб на нашата репрезентација сигурно го сака најдоброто и ќе изнајде начин да ја победиме Аргентина. Уверен сум дека сме подобри од Аргентина и ќе ја победиме со брза игра која ја фаворизира нашиот селектор која мора да ја примениме на овој натпревар бидејќи сме побрзи од Аргентинците.

Исто така сметам дека треба да се размислува за проширување на ростерот играчи кои се квалитетни во два правци одбрана и напад без разлика од кои клубови доаѓаат. Добри тренери и тренажни процеси има и во Бутел, Пролет, Охрид, Тиквеш, Струга и треба да се селектираат најдобрите.

Како и да е, сигурно победуваме во вторник со Аргентина и се гледаме во вториот круг. Успех е и самиот пласман на Светско првенство. Напред Македонија….!!!!

Се вчитува...