Некогашниот репрезентативец Горан Попов, за ЕКИПА прави анализа на Светското првенство во Катар. Попов направи анализа на финалето, и на целокупниот Мундијал воопшто.
ПРЕТХОДНО КАЖАВ ДЕКА АРГЕНТИНА НЕ ТРЕБА ДА ЗАВИСИ САМО ОД МЕСИ
Вакво финале со таков резултат, со таква игра, со фантастичен фудбал до сега немало. Спектакл! Што се однесува до освојувачот, јас кажав дека Аргентина или Бразил ќе го освојат. Тогаш кажав дека Аргентина премногу зависи од Меси, а кога почнаа сите да играат, тогаш дојде резултатот. Не може само да му се даде на Меси и да се чека, мора сите да трчаат, да додаваат, да шутираат. Првите 20-30 минути Франција ништо не играше, и беа „печени“ да примат гол, и јас очекував Аргентина да поведе. Ди Марија имаше одлично полувреме. Што да коментирам за пеналот? Чист пенал. Не знам зошто го направи стартот кога подоцна Дембеле ќе наидеше на уште дефанзивци на Франција. Ваков кикс е недозволено да се прави во финале.
МБАПЕ ВО 75. МИНУТА БЕШЕ КАКО СЕГА ДА ПОЧНАЛ НАТПРЕВАРОТ
Од 75. минута Франција играше како да почнуваше натпреварот. Се виде квалитетот на Мбапе, и брзо се вратија и го направија уште поинтересно финалето. Вакво немало никогаш на Светско првенство, ниту во било кое финале на големо натпреварување, и не знам дали ќе се повтори вакво нешто. Мбапе е страшен играч, во 89. минута прави спринт како да е прва минута, или во продолженијата трча како „луд“. За такво нешто многу треба да си подготвен.
МЕРАК МИ Е ПОРАДИ МЕСИ
Искрено ми е заслужено поради Меси. Таков фудбалер нема да се роди во следните 100 играчи. Роналдо и такви играчи ги има многу, но како Меси во моментов нема. После тие два примени гола и 2-2, ја држеше добро својата селекција и психолошки. Робот, монструм, секоја чест…
МАРОКО НА КРАЈ ЈА НЕМАШЕ ТАА „ЖАР“ ОД ПРЕТХОДНО
Околу мечот за третото место, Хрватска очекувано доминираше. Мароканците не играа исто како на другите натпревари. Некако да ја загубија мотивацијата. Влегоа во дуелот како да е пријателски меч, не играа така мотивирано, и мислам дека Хрватска заслужено победи и го освои тој бронзен медал. Ја имав таа среќа вчера и денеска да бидам во Хрватска и да ја почувствувам атмосферата при приситгнувањето на играчите, и навистина беше се во нивна чест. Тие покажаа дека и вакви селекции како нив може да се носат со големите на Светските првенства.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА