Поранешниот македонски репрезентативец Горан Попов со анализа за ЕКИПА.МК за првиот натпревар на Македонија на Европското првенство против Австрија.
Кога во неколку зборови би сумирале се како анализа на натпреварот со Австрија, тогаш неизбежен е впечатокот дека можевме и моравме до позитивен резултат. Но, со малку похрабра тактичка определба, погодени замени и поголема концентрација во одбраната.
Голема грешка беше при постигнување на првиот гол за Австрија. Не сакам да го обвинувам Алиоски бидејќи севкупно одигра одличен натпревар, но многу е тешко кога на вака големо натпреварување и на меч против квалитетна репрезентација како што е Австрија ќе примиш прв гол. Тоа не смееме да го дозволиме бидејќи потоа е многу тешко да се вратиш.
Сепак, успеавме да израмниме до крајот на првиот дел и потоа одлично го чувавме резултатот. Бод ќе беше одлично како за прв натпревар и за меч против репрезентација како што е Австрија. За жал нови две грешки во последниот ред беа причина за нашиот пораз. Пак ќе кажам кога ќе го погледнеш целосно мечот не одигравме лошо во одбраната, но трите големи грешки не чинеа многу.
Исто така, голема грешка беа двете замени на селекторот. Се вели „по војна секој е генерал“, но навистина не треба многу да разбираш фудбал за да сфатиш дека замените беа голема грешка. Прво Стефан Ристовски одигра одлично на бек, а потоа беше префрлен во средината што е недозволиво. Бејтулаи презема на десна страна и кога противникот гледа дека ти се браниш со сите сили нормално е да те нападне.
За жал, бевме многу нервозни во последниот ред и тоа на крајот го одлучи натпреварот. Јас веројатно не би направил замена во тој момент бидејќи стартниот тим одигра одлично. Се разбира можеби малку подоцна бидејќи Барди сите знаеме дека се мачеше со коронавирусот и дека нема да издржи цел меч. Сепак, и покрај се морам да кажам дека Енис Барди одигра натпревар за чиста десетка! После прележан коронавирус во неколку наврати исфрлуваше по неколку играчи на Австрија и беше нашиот најдобар фудбалер на теренот. Покрај него ќе го спомнам и голманот Столе Димитриевски кој иако прими три гола беше на висина на задачата и ниту за еден погодок не беше виновен.
Се на се кога ќе сумираме не смееме да се предаваме. Украина исто така почна со пораз, а тие имаат сличен менталитет како нас. Разочараност има и во нивниот табор, така да ништо не е загубено и со добра игра и поголема концентрација во одбраната можеме да одиграме на ниво. Ќе повторам уште еднаш, Македонија има одлична генерација на фудбалери која покажа многу пати дека не треба да биде откажана. Видовме како изигравме со Германија, исто и на натпреварите од Лигата на нации така да „горе-главата“ и нема откажување!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА