АНАЛИЗА: Надмудрениот „Ел Команданте“

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Дојде и пројде„финалето“ за македонската репрезентација во Минхен против селекцијата на Исланд, но не заврши со хепиенд како што посакувавме. „Рибарите“ од Исланд најдоа начин како да го запрат нашиот напад „седум на шест“ и ставија крај на надежите дека ќе се најдеме меѓу 12-те најдобри репрезентации во светот. Реалноста е дека со овој играчки состав и не заслужуваме да бидеме дел од тоа избрано друштво, колку и да разочарува фактот што по долги години (првпат по СП 1999) Македонија не ја минува првата рунда од едно големо натпреварување.

Гудмундсон го најде лекот за Раул

„Ел Команданте“ можеби е тактички генијалец, но и нему му е јасно дека синоќа беше надмудрен од Гудмундсон, врвниот исландски стратег кој покажа дека неслучајно пред две години стана олимписки шампион со Данска.

„Рибарите“ како никој досега ја прочитаа нашата игра „седум на шест“, собирајќи бројни топки што ги претворија во лесни голови во празна мрежа. Раул во знак на немоќ се откажа од тактиката што му е заштитен знак на ова СП и се врати на „шест на шест“, но и тоа не вроди со плод, благодарение на одбраната извесно време се држевме, а потоа во клучните моменти не реализиравме и Исланд на крајот заслужено славеше.

И Исланд има млади…

Гудмундсон гордо на прес-конференцијата по натпреварот изјави дека за седум од овие исландски репрезентативци СП во Германија било прво големо натпреварување. Голем дел од нив настапија против Македонија и воопшто не разочараа, покажувајќи дека и на млади години може да се игра сериозен ракомет на едно СП.

И Македонија дојде со млади, но Раул Гонзалес за нив упорно повторуваше дека треба да играат без притисок, да уживаат. И навистина, кога и да добиеја шанса, тие делуваа како да уживаат, наместо да се борат за секоја топка, да гинат за репрезентативниот дрес. Разликата е и повеќе од очигледна и што е потрагично, тешко дека ќе се промени во блиска иднина. А  тоа ќе биде и сериозен проблем гледано долгорочно.

„Отсекување“ на Кире Лазаров

Исланд одигра извонредна одбрана во второто полувреме, а  „рибарите“ најголема работа завршија со „отсекувањето“ на Кире Лазаров како диригент на нашиот напад. По четирите постигнати погодоци во првото полувреме, нашиот капитен во вториот дел не само што постигна само еден погодок, туку не му беше оставен простор за чист удар. Лазаров го немаше просторот за маневар што вообичаено го добиваше со „седум на шест“, а повеќе од јасно е дека кога Кире ќе биде запрен, Македонија е лимитирана во нападот.

Се вчитува...