ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Се е убаво кога мундијалската приказна ќе стартува со победа од девет гола разлика. Јапонија не е противник од врвот на светскиот ракомет, но со својата брзина, непредвидливост и со Дагур Сигурдсон на клупата беше способна да изненади доколку ние не бевме на посакуваното ниво. Тоа не се случи, Македонија одигра на ниво што беше превисоко за Јапонците да го достигнат, па почетните бодови се прокнижени според планот.
Стоилов и Пешевски – „џинови“ за „самураите“
Јасно беше дека Јапонците немаат сила за да парираат на линијата, а Раул Гонзалес максимално го искористи тоа инсистирајќи на додавања до пикерите. Стоилов беше извонреден од самиот старт, во првите десетина минути изнудувајќи пенал и две исклучувања, потоа во ист ритам продолжи и Пешевски. Пикерите одиграа феноменално во нападот, максимално користејќи ја тактиката „седум на шест“, а Стоилов даде значаен придонес и во одбраната, уште еднаш покажувајќи дека е еден од клучните играчи на Македонија на овој Мундијал.
Кога Борко ќе ја „спушти ролетната“…
Добар голман е „пола екипа“ во ракометот, а Македонија го имаше токму тоа на отворањето од шампионатот. Ристовски бранеше извонредно, само по дваесетина минути игра стигна до бројката од 10 одбрани, до крајот стигна и до бројката од 20 успешни интервенции, за потврда на одличната форма во која се наоѓа.
Што може подобро…
Убедливата победа е „слатка“, а добро е да се знае дека Македонија и кога триумфира со девет гола разлика, може да игра многу подобро. Ова се однесува пред се на дисциплината во нападот, особено при „седум на шест“, кога со технички грешки и избрзани шутеви им овозможивме на противниците најмалку седум-осум лесни погодоци.
Кузмановски со две брзи исклучувања беше исфрлен од ритам во првото полувреме, но средниот бек поседува квалитет и сигурно ќе биде позначаен адут на наредните натпревари.
Исто така, мора да се обрне внимание и на транзицијата напад – одбрана по постигнат гол, ситуации во кои Јапонците често реализираа во второто полувреме, проблем што ако не се реши сигурно ќе се обидат да го искористат и нашите наредни противници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА