ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Никогаш досега на големите натпреварувања немавме избегнато пораз од Германија, но ова е една поинаква Македонија, репрезентација од која Германците едвај куртулија да не загубат во „Арена“ во Загреб. И уште еднаш пресуден беше колективот и македонското срце, желбата за победа во која за разлика од претходните години нашите ракометари овојпат не горат, туку максимално умешно ја дозираат.
1.Раул Гонзалес – „ел команданте“ во вистинска смисла на зборот
Шпанецот уште еднаш ја покажа својата генијалност, беспрекорно водејќи ја репрезентацијата низ сите 60 минути. Нормално, имаше и падови во играта, но Раул знаеше како да го промени темпото, менувајќи од „седум на шест“ во „шест на шест“, воедно и да го поштеди недоволно рехабилитираниот Миркуловски. Го извлече максимумот и од Мартин Поповски, кој ја оправда неговата доверба со гол, изнуден пенал, но и значајна игра во одбраната „пет – еден“.
2. Борко Ристовски како вистински „министер“
Формата на првиот репрезентативен голман се движи во нагорна линија, а првиот блесок на ова ЕП го имаше токму против актуелниот европски првак. Борко го заврши мечот со 12 интервенции, но внесуваше сигурност во клучните моменти. Во последните три минути имаше две одлични одбрани, а одличниот настап сигурно ќе му биде мотив повеќе за претстојниот дуел со Шпанија, каде за ривали има соиграчи од тимот на Барселона.
3. Талески удри по Германците
Очигледен е напредокот на Филип Талески во секој поглед по неговиот трансфер во Рајн Некар Левен, но младиот лев бек како да сакаше токму на дуелот со Германија и дел од своите тимски соиграчи да покаже дека заслужува поголема минутажа во дресот на „лавовите“.
Тале одигра беспрекорно, постигна шест гола од осум обиди, голем дел од нив кога остатокот од тимот се мачеше во пресметките со Андреас Волф. Неговиот потенцијал никогаш не бил доведуван во прашање, прашање на време беше кога ќе блесне и во сениорскиот состав, дуелот со Германија беше само доказ за неговиот квалитет, што ќе мора да го потврди и на наредните натпревари во Вараждин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА