Анализа: Кој би рекол… Македонија игра врвно и „шест на шест“

Еден меч беше доволен за Раул Гонзалес да покаже дека Македонија може да игра многу подобро отколку што тоа го правеше под водство на Лино Червар. Шпанецот се уште нема обезбедено пласман на ЕП, но посветеноста и професионалноста со која си ја врши задачата и го пренесува своето знаење врз ракометарите се причина за оптимизам, не само за крајот на овој квалификациски циклус туку и за нешто подалечната ракометна иднина на нашата национална селекција.

Иако тивок по природа, кога тој зборува, сите слушаат, авторитетот градејќи го со дела и сериозен пристап, како што е тоа случај со селекторите во најголемите светски ракометни селекции.

1. Раул Гонзалес – надеж за врвни резултати

Секоја чест за Ивица Обрван и за Лино Червар, но Раул Гонзалес со еден единствен меч ги демантираше своите претходници, кои „тивко тврдеа“ дека Македонија не може да се носи со „големите европски селекции“. Исланд можеби не е дел од самата елита, но начинот на кој го натеравме овој состав на капитулација е причина за верба дека пред нашиот национален тим е светла иднина.

Да не заборавиме, Шпанецот имаше само четири дена за работа со оваа група на играчи, што ли ќе се случи кога ќе има повеќе време за целосно да ги пренесе своите тактички замисли, за уште подобра игра на Македонија.

2. Кој вели дека не знаеме „шест на шест“

„Немоќта на претходните селектори најчесто беше објаснувана како неспособност на играчите да се носат со врвните европски репрезентации. Синоќа видовме дека тоа не е случај, дека и во игра „шест на шест“ можеме не само да се носиме, туку и да ја полниме мрежата на Исланѓаните, еден од оние ривали кои важат за најнезгодни за нас низ историјата.

3. Без „министер“ нема одбрана

IMG_2853

„Нема добра одбрана ако се нема „Министер“ на чело. Борко Ристовски се врати, и тоа во голем, голем стил. Имаше седум одбрани во првиот дел, во моментите кога се „одлепивме“, а потоа блесна и во самиот финиш, помагајќи триумфот да биде изразен со конечни пет гола разлика. Ристовски вака мотивиран ќе биде значаен адут до крајот на овие квалификации, но и потоа на самото Европско Првенство, доколку сакаме да направиме чекор напред и што подобар пласман во Хрватска.

4. Капитенот игра и во дефанзива

Еден е Кире Лазаров, го видовме тоа и на синоќешниот дуел на кој капитенот одигра капитенски – постигнувајќи 11 погодоци. Многу значаен за нас беше и фактот дека во првиот дел, во кој постигна дури осум гола, Лазаров беше важен дел од тактиката и во дефанзива кога играше на подалечната страна од нашата клупа. Лазаров со години наназад го посочуваат како „слаба алка“ во одбраната, но Раул успеа да го извлече најдоброто од капитенот, кој несебично се жртвуваше во дел од играта кој реално не му е силна страна.

Можеби за пет дена ќе наполни 37 години, но кога станува збор за репрезентативниот дрес Кире Лазаров се уште го има оној ист ентузијазам и желба да ја води Македонија до нови и нови успеси.

5. „Германецот“ Талески

Главен проблем на Талески на последниот мундијал беше недоволната самодоверба, кога одличниот лев бек немаше храброст да шутира кога ќе се најдеше во добра позиција. Само неколку месеци во Некар Левен беа доволно за полека, но сигурно екскапитенот на Металург да го менува својот менталитет. Против Исланд беше беспрекорен, погоди пет пати од исто толку обиди и покажа дека Македонија добива „бомбардер“ што со години ќе ги тресе противничките мрежи.

Она што е најважно, го добива и германскиот менталитет, да погодува кога е најзначајно (го постигна првиот гол, потоа клучниот погодок при пасивен напад, како и последниот гол на мечот), за доказ дека потенцијалот се претвора во суштински квалитет.

Се вчитува...