Македонија вечерва од 20:30 часот во Хернинх против домаќинот Данска и сигурно еден од најголемите кандидати за златото, ги почнува своите настапи на Европското првенство 2026.
Капитенот Филип Кузмановски и најискусниот во македонските редови, голманот Никола Митревски пред денешниот дуел ја анализираа најголемата опасност по македонскиот гол, а тоа е секако еден од најдобрите светски ракометари – Матијас Гидсел.
„Знаеме дека Гидсел е најдобар моментално во светот. Секогаш наоѓа начин да пронајде дупка во одбраната. Не шутира многу од девет метри, не е некој потрошувач на топки, но затоа напаѓа премногу често еден на еден. Има добра соработка со средните бекови, знае каде треба да нападне, и сето тоа е она што го прави различен од другите. Еднаш ако не успее да помине на еден начин, следниот пат напаѓа на друг начин. И, заедно со упорноста, физичката спремност, сигурно и интелигенцијата го издвојуваат како врвен спортист“ – вели Никола Митревски.
Зборови пофалби за Гидсен не штеди и Филип Кузмановски.
„Во подготовката на натпреварот нормално го анализираш во кој период од играта, кога е уморен, како напаѓа на почетокот од мечот и каков став држи во текот на средбата. Тоа е тактичкиот дел. Нормално дека треба максимално да бидеш подготвен со Гидсел, затоа што може да те нападне во текот на мечот преку дваесет до триесет пати и треба да издржиш дуел со него. Навистина е одличен, посебно еден на еден. Тоа го покажува секогаш. За мене можеби топ три играчи против кои сум играл, посебно кога ќе сум јас во одбрана…“ – вели Кузмановски.
А, како може да се запре…?
„Наоѓаш начин. Нормално, во соработка со тој до тебе со кој играш одбрана, имаш договор да го чуваш на една страна, тој до тебе колегата да те покрие на другата страна, и во тој договор нормално, со една добра соработка може да се задржи. Како што кажа Никола, тој секако ќе најде начин. Но, борбата останува. Овие последните години покажува дека е вистински лидер, како треба, како треба да се напаѓа и како треба да игра, како треба да се бори, каква транзиција има, како се движи без топка во простор. Тој покажува на правилен начин како треба да се игра ракомет моментално“ – коментира македонскиот капитен.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО НИКОЛА МИТРЕВСКИ И ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

