ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
По една преспиена ноќ, полека но сигурно слегнуваат и емоциите по оној трилер дуел со Португалија на кој успеавме да се вратиме и да ремизираме со полуфиналистот од ланскиот светски шампионат.
Покажаниот карактер е она што најмногу од се импресионира, ако во минатото при негатива од „минус пет“ следела „дупка“ во играта и уште поубедлив пораз, овојпат избраниците на Кире Лазаров предводени од капитенот одиграа маестрално, ги дочекаа своите завршни десет минути и со голем камбек стигнаа до бод. Секако, останува тагата што немавме последен напад во завршните петнаесетина секунди, но тоа никако не смее да го избрише сето она позитивно што го видовме синоќа на теренот во „Јиске Банк Боксен“ арената во Хернинг.
Позитивни беа многу работи, ние ќе издвоиме само три…
1. Филип Кузмановски – лидер за пример
Капитенот го одигра најдобриот меч во репрезентативниот дрес токму против еден од најсилните ривали, како што тоа своевремено го правеше сегашниот селектор Кире Лазаров.
Впрочем, 15 гола на еден натпревар е нов апсолутен рекордер во македонскиот ракомет кога станува збор за мечевите од ЕП, Кузмановски го урна рекордот стар 12 години на Лазаров и покажа дека е тука, кога е најтешко да преземе одговорност и да го крене тимот.
2. Мартин Томовски ја спушти ролетната
Најдобриот голман во втората Бундес-лига уште еднаш покажа дека може да брани на највисоко ниво и на најголемите натпреварувања. Томовски влезе пред крајот и веднаш направи разлика, за петнаесетина минути собра осум интервенции, вклучувајќи ги и двете најважни, кога запре два зицера на Португалците во последната минута и го донесе ова големо реми на Македонија.
3. Транзиција напад – одбрана за пример
Тактички одлично поставено од селекторот Кире Лазаров, и покрај проблемите со исклучувањето на Маркоски и двете повредени леви крила во текот на мечот, Македонија одигра за чиста десетка и кога станува збор за транзицијата напад – одбрана. Најдобар доказ за тоа е што Португалија, репрезентација која игра исклучително брз ракомет, не постигна ниту еден единствен гол од контранапад. Враќањето назад по наш напад беше доведено до перфекција, дури и при оние мал број грешки што ги направивме секогаш наоѓавме начин за корекција, еднаш со пресечена топка од Кузмановски, еднаш со истрчување на Митревски… Колективната одбрана во постојана формација 5-1 беше на навистина високо ниво, што не е нималку лесно против ривал како Португалија, кого го принудивме и дури да се откаже од нападот „седум на шест“ што е нејзино убедливо најсилно оружје. Но, Македонија одлично подготвена од стручниот штаб, максимално одговори и на тој предизвик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

