ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Поразот од Данска беше сосема очекуван, а играта што Македонија ја прикажа беше далеку од разочарувачка. Напротив, бевме сосема солидни, но тоа никогаш не е доволно кога против себе имаш ривал како Данска, моќна и застрашувачка репрезентација од секој поглед.
Јасно е дека во ракометот, како и во повеќето колективни спортови, играш онолку колку што противникот ќе ти дозволи, но проблем за нас е што во второто коло се среќаваме со уште еден силен ривал, Португалија.
Оваа селекција не е така моќна како Данска, но е исклучително квалитетна, а ние дефинитивно ќе мораме да поправиме одредени аспекти во играта ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат, со кој би останале во игра за пласман во следната фаза.
1,Топка до крило!
Не е запаметено во поновата историја на македонската репрезентација, за 60 минути да немаме ниту еден единствен шут од крилна позиција. Браќата Костески од едната, Џонов и Петар Атанасијевиќ од другата страна, немаше ниту една акција со која се создаде вишок на крилата што би била претворена во гол.
Против Португалија, ќе мора да се најде начин да профункционира и овој дел од нашата игра.
2. Голмански одбрани
За да земеме скалп на „голема репрезентација“, неопходно е голманите да имаат свој ден. И во секој случај да бидат подобри од оние вкупно пет интервенции (четири на Томовски, една на Галевски) синоќа со Данците.
Португалија исто така инсистира на брз ракомет, има „волшебници“ во браќата Кошта, па голманските интервенции ќе мора да бидат значаен фактор во нашите обиди да стигнеме до позитивен резултат. Секако, со надеж дека искусниот Митревски ќе ја надмине повредата и ќе биде во комбинација да помогне на овој исклучително важен натпревар.
3. Жаре, врати се
Данскиот ѕид на линијата од шест метри функционираше беспрекорно, а нашите пивоти речиси и да немаа шанси да ги покажат своите квалитети. Стојковиќ имаше 1/3 од пивот, Аларов 0/1, додека младиот Ристовски заврши без обид кон противничкиот гол. Овие наши пивоти поседуваат квалитет, но за нешто повеќе против Португалија, неопходен ни е – Жарко Пешевски. Големиот борец поради повреда не настапи со Данците, но неговото присуство на линијата од шест метри ќе биде и повеќе од неопходно ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат против Португалците. Затоа што и одбранбената зона на противникот дефинитивно ќе обрне поголемо внимание на овој ракометар, со што ќе се остави и нешто повеќе простор за бековската линија да влезе во шутерски ритам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

