ЕКИПА во Загреб,
Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски
Голема победа е извојувана, првпат во историјата Македонија отвора со триумф настап на европски шампионат, како најава за нова „ракометна бајка“. Причини за радост има многу, триумфот е колективен, но ова се трите работи кои се покажаа како клучни за на крајот да се радуваме.
Одбраната блесна кога беше најважно
Да се задржи репрезентација како Словенија на само 24 постигнати погодоци – тоа е доволен доказ за нивото на кое Македонија одигра одбрана на оваа премиера. Најчесто игравме зона 6-0, за трансформација во 5-1 немаше потреба бидејќи првата опција функционираше беспрекорно. Особено импресивно делувавме во финишот, кога во последните пет и пол минути не примивме гол, блескајќи токму кога беше најзначајно, за разлика од противникот кој потклекна во самата завршница.
„Лавовско срце“ на Столе Стоилов
Пивотот покажа лавовско срце во битката со словенечките џинови на линијата. Постигна два гола од три обиди, но многу позначајни се изнудените пенали и исклучувања, за бруталните стартови што машки ги издржа. Згора на тоа имаше и три асистенции, импресивна бројка ако се земе во предвид дека е пивот.
„Октоподот“ Никола Митревски
Максимално скромен, секогаш подготвен да го даде максимумот кога ќе добие шанса, Митревски блесна кога беше најважно. Имаше девет интервенции, бројка што не му е рекорд, но секоја топка беше одбранета во клучен момент. Брилијантен во финишот од првото и стартот од второто полувреме, Митревски јасно покажа дека ќе биде значаен адут на овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА