Анализа: Вардар е отпорен на германска машинерија

Вардар е на чекор на нов Ф4 турнир во Лигата на шампионите откако „црвено-црните“ во драматичен меч триумфираа во Кил, па со минимална предност од еден гол ќе го пречека повеќекратниот европски првак наредниот викенд во својот „вулкан“ во Скопје. Раул Гонзалес уште еднаш покажа зошто важи за најдобар ракометен стратег и зошто ПСЖ не жалеше пари за да го доведе за свој тренер за наредната година. Шпанецот го доби тактичкото надмудрување со Гисласон, знаеше како да ја постави играта во клучните моменти и забележа уште една голема четвртфинална победа во Германија, по онаа ланската во Фленсбург. Германските клубови дефинитивно делуваат застрашувачки за сите ривали, освен за „вардарци“.

  1. Пивотите ги „заклаа зебрите“

Кил го одликуваше одлична одбрана во последно време, вообичаено главните шутери Криштопанс и Борозан беа неутрализирани, но Раул го најде лекот и за тоа – со бројни акции за пивот. Стојанче Стоилов беше огромно изненадување од самиот почеток, со четири гола во првиот дел од првото полувреме. На македонскиот ас се надоврза и Мораеш, кој беше видно мотивиран против својот поранешен клуб каде не доби соодветна шанса. Вкупно десет гола од единаесет обиди (Стоилов 5/5, Мораеш 5/6) и неколку изнудени пенали и исклучувања – беспрекорно издание на пивотите на Вардар на овој меч.

  1. Вујин и Билик под 50%

Одбраната на Вардар функционираше одлично, особено против играчите кои вообичаено важат за главни адути на Кил од надворешните позиции. Марко Вујин беше задржан на четири гола со дури шест промашувања, а ништо подобар не беше ниту Билик, кој зеде девет шутеви, но погоди само четири пати. Зонската одбрана беше на највисоко ниво, а доколку немаше загубени топки во нападот (особено во оние „црни“ петнаесетина минути) и бројот на примени голови ќе беше уште помал.

  1. Штербик го доби голманскиот дуел

По официјалната статистика Штербик имаше една одбрана помалку од Ландин (12-13), но „вардарецот“ блескаше тогаш кога беше најважно за неговиот тим. Тој почна извонредно, со одбранет зицер веќе во втората минута, помогна да се одржува предноста во првото полувреме, за во последните десет минути да одбрани уште неколку клучни удари и да овозможи оние „минус три“ да се претворат во голема победа.

Од Штербик како и секогаш, го добивате најдоброто тогаш кога е најважно.

Текст: Симон Котларов

Се вчитува...