АНАЛИЗА – Зоран КАСТРАТОВИЌ: Франција доминантна, а Македонија…

Истакнатиот ракометен стратег, Зоран Кастрaтовиќ, за ЕКИПА направи стручна анализа на 25.Светско ракометно првенство во Франција.

СТАРО vs НОВО

На неодамна завршеното Светско ракометно првенство во Франција на врвот повторно е старо-новиот владетел на ракометната планета, репрезентацијата на домаќинот Франција. Овој планетарен шампионат беше еден од најинтересните досега, со неколку неочекувани разврски. На мундијалот донесе интересни и квалитетни дуели, посебно во елиминацискиот дека како и во завршните натпревари за распределба на медалите.

Во споредба со претходното СП 2015 во Катар, ова превенство во Франција донесе подобар, поквалитетен и подинамичен ракомет.

Од тренерска гледна точка, ова натпреварување не донесе ништо спектакуларно ново освен што неколку репрезентации во позиционен напад играа со седум ракометари користејќи ги новите правила на ИХФ. Македонија постојано играше на ваков начин, некои други репрезентации играа повремено со седум играчи во поле, а тимовите со високо темпо на игра воопшто не го применуваа. Мислењата околу ова правило се поделени, но едно е сигурно – игра со седум ракометари во поле ја намалува динамиката на игра и комбинаториката. Бековите стануваат подавачи на топки наместо шутери.

Ако за ваков тип на игра се каже дека е „шаховска партија“, тогаш јас, сепак гласам за ракомет, наместо за шах!

Значителен напредок е постигнат во транзицијата на играта каде голем уделч имаат играчите кои што можат да играат во двата правци. Зголемено е значењето на играта меѓу двата деветерци. Со тоа се намалува бројот на т.н. „специјалци“ кои што главно имаат одбранбени задачи. Во вој сегмент на играта најмногу покажаа репрезентациите на Норвешка и на Шведска.

Во одбраната беа доминантни два системи на зонски формации, 6-0 и 5-1, со некои од нивните модификации. За жал, зонската формација 3-2-1 не беше присутна на овој шампионат, најверојатно поради кусиот период за подготовки на тимовите како и големото енергетско трошење на играчите во таков систем.

Во позиционен напад, голем број од тимовите ги користеа познатите зачетоци на кации кои се видени и порано. Исто така, често е применувана и играта „еден на еден“. Во таква ситуација, кога се е подредено на индивидуални квалитети, комбинаторната игра е во втор план.

Ова првенство беше убава можност, на почетокот на новиот олимписки циклус, својот талент и огромен потенцијал да го покажат  ракометари родени 1994/1995/1996 година. Во преден план се појавија Фабрегас и Ремили од Франција, Бергеруд и Соренсен од Норвешка како и некои млади играчи во репрезентациите на Словенија, Хрватска, Шведска и Белорусија кои станаа носители на играта во нивните тимови.

Меѓу репрезентациите со убава перспектива се вклучија ракометарите на репрезентацијата на Шведска од кои допрва се очекуваат резултати.

Во распределбата на медалите, за разлика од порано, се вмешаа некои нови имиња како што се Норвешка и Словенија.

francsija SP

 ФРАНЦИЈА ФИЗИЧКИ ГИ ТРОШЕШЕ ПРОТИВНИЦИТЕ

 Шампионот Франција покажа високо ниво и континуитет на квалитетни игри, остварувајќи максимални девет победи. Франција е проектирана да биде најдобра на ова првенство. Французите имаа и најмалку осцилации во секој сегмент од играта. Цврстата игра во одбраната во која до израз доаѓа исклучителната физичка подготвеност на секој играч. Со голем број на дуели во фаза на одбраната, Франција физички ги трошеше противниците. На најважните средби, одбраната имаше помош од голманот Жерар со 40% одбранети удари упатени кон голот.

Во транзицијата, Французите главно се потпираа на индивидуалните контранапади и во тој сегмент на играта, кај нив има простор за голем напредок во иднина.

Позициониот напад на Франција покажа најмногу кога во задната линија беа трите бека од нивниот шампион, ПСЖ.

Вицешампионот Норвешка на ова СП дојде со вајлд-карта по неуспешните јунски квалификации против репрезентацијата на Словенија. Репрезентацијата на Норвешка прикажа врвна игра и потполно заслужено се најде на подиумот веднаш до шампионот. Младата, но квалитетно селектирана екипа, своите потенцијали ги најави уште лани на ЕП во Полска со освојувањето на четвртото место. Во Франција, Норвежаните покажаа што всушност значи модерен ракомет. Цврста одбрана со одличен голман, извонредна транзиција, динамичен и конкретен напад, голема психолошка стабилност се главните карактеристики на норвешкиот тим.

Во процесот на перманентното подмладување, Словенија го постигна својот најголем успех кога се во прашање светските првенства. Успешните олимписки квалификации и учеството на ОИ во Рио, го добија својот континуитет со врвното достигнување на овој состав во Франција. Словенија е репрезентација која прикажа најмногу комбинаторика во позиционен напад.

На чекор до среброто беше репрезентацијата на Хрватска. Сепак, хрватскиот тим не ја покажа константноста  во играта на сите средби на овој турнир. Наместо сребрен медал со постигнат гол од седум метри против Норвешка, во уште еден „хичкоковски“ трилер меч за третото место, беше поразена од Словенците. Лоша среќа или…

Данска, Германија и Шпанија целосно потрфлија на овој шампионат. Од олимпискиот и од европскиот првак, како и од вицешампионот на Европа, се очекуваше многу повеќе. Овие репрезентации, заедно со Франција веќе беа видени во полуфиналето. Осминафиналето за Данска и за Германија и четвртфиналето за Шпанија беа нивен резултатски дебакл.

И уште еден сегмент од овој мундијал. Првенството во Франција покажа дека тренерите од балканските простори можат и имаат што да покажат. Направија одлични резултати со подмладени состави. Тренерите од овие простори зад себе ги оставија колегите од Исланд и од Шпанија кои ги имаше во поголем број на клупите на европските и на азиските  репрезентации. Ако ја гледаме пошироката слика, тоа е исклучително значајно за ракометот и за тренерите на овие простори.

mkd time sp

МАКЕДОНИЈА – ОСТВАРЕНИ ЦЕЛИ ИЛИ НЕ?

Иако пред првенството не беше поставена конкретна резултатска цел, со пласманот на македонската репрезентација во втората фаза на СП, треба да бидеме задоволни. Конечниот пласман на 15.позиција е за шест места послаб од оној што беше постигнат на претходното СП во Катар.

Ветувањето пред првенството дека ракометарите ќе се борат како лавови е исполнето.

Две победи против неевропски селекции,Тунис и Ангола, и едно реми против Исланд, не однесоа во осминафиналето. Играчите со искуство од настапите на големите натпреварувања и играњето во врвни европски тимови во континуитет, го покажаа својот квалитет и на овој шампионат. Капитенот играше капитенски, Стоилов лавовски, Миркуловски до повредата – интелегентно. Крилните играчи имаа свои добри и лоши изданија на ова првенство.

ШТО КАЖУВААТ ФАКТИТЕ?

 Со денови низ нашите медиуми ги читавме и ги слушавме следните флоскули:

  • Македонија настапи со подмладена репрезентација
  • настапивме со нов голмански тандем
  • Македонија настапи со најмногу дебитанти на превенството
  • единствено ние постојано игравме со седум ракометари во позиционен напад

Фактите кои се поткрепени со бројки се следниве:

        – Македонија е во група заедно со Данска, Катар и Аргентина на највозрасни репрезентации чија просечна возраст е над 29 години. Медали, сребрена и бронзена, освоија репрезентации чија просечна возраст е нешто повеќе од 25 години. Дури и освојувачот на „златото“, репрезентацијата на Франција  е помлада од нашата. Младите ракометари Талески и Нелоски добија шанса во играта и како што кажаа и самите, не ја искористија најдобро. Но, прашање е дали на овие играчи целосно им одговара и системот на игра со кој настапи македонската репрезентација. Прашање е и колкава минутажа ќе имаше Дрогришки на последните два натпревари, ако Миркуловски не заработеше повреда.

         – Статистиката покажува скромен учинок на нашите голмани од 26% на одбранети удари. Помала успешност од овој процент имаат само три репрезентации и тоа Саудиска Арабија, Јапонија и Ангола. Уште полоша слика ни доаѓа ако се земе предвид дека бројот на одбрани на македонските голмани, во просек по натпревар беше под десет. Секако, голем број голови примивме во ситуација кога игравме без голман на неговата позиција.

          – Да се дебитира за државната селекција на било која возраст е најголема чест за секој спортист. Од една страна ние имавме дебитанти кои не добија прилика да ни го покажат квалитетот со кој го заслужија репрезентативниот повик. Од друга страна меѓу дебитантите ги вброивме и оние кои веќе имаат настапи за репрезентацијата во натпреварите од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.

          -Седум на шест. Различно од порано – да. Успешно? Играта со играч повеќе во позиционен напад има смисла, ако стигаш резултат, ако имаш негатива, во моменти кога сакаш да направиш разлика во резултатски изедначена игра.

Ние од ова првенство имаме негативно искуство со таков начин на игра. Вкупниот број на примени голови од контранапади и голови постигнати во празна мрежа поради технички грешки и задоцнета промена на голман е двојно поголем од постигнатите голови во контранапад.

Кога ќе се подвлече црта, се поставува прашањето дали првиот чекор кон Токио 2020 е направен на вистински начин? Дали најсоодветно ги промовиравме младите ракометари?

Одговорите ќе ги добиеме многу брзо, во мај и во јуни кога следуваат квалификациските натпревари за уште едно големо натпреварување – Европското првенство во Хрватска во 2018 година.

Се вчитува...