Анчелоти бесен: Не ми се зборува за фудбал, ова беше срамота

Карло Анчелоти беше бесен по завршувањето на дуелот меѓу Валенсија и Реал Мадрид што неговиот тим го загуби. Сепак, овој натпревар нема да остане запаметен по резултатот, туку по скандалозното однесување на домашните фанови, откако речиси цел стадион расистички го навредуваше гостинскиот фудбалер Винисиус.

Бразилецот збесна, па на дваесетина минути до крајот дури и се приближи до навивачот кого го забележа како упатува расистички навреди кон него, следеше нов „хор“ од навреди кон асот на Реал, по што судијата се закани дека при следен таков случај ќе го прекине натпреварот.

Дуелот на крајот продолжи и траеше 105 минути, а Винисиус згора на тоа во финишот заработи и црвен картон откако загуби глава по дуелот со еден домашен фудбалер.

„Не сакам да зборувам за фудбал денеска. Бесен сум, многу сум бесен, ова денеска беше срамота. Цел стадион извикуваше дека Винисиус е мајмун, Ла Лига очигледно има сериозен проблем што не знае да го реши. Го прашав Винисиус дали сака да продолжи по оној голем инцидент, му објаснив дека не е виновник туку дека сакам да го заштитам, но тој сакаше да остане на теренот. Судијата ми го објасни протоколот за вакви ситуации, но тоа е смешно бидејќи со тоа не се спречуваат вакви работи во иднина“, изјави Анчелоти.

Се вчитува...