Баерн Минхен се вклучува во трката по Хамес Родригез откако тренерот Карло Анчелоти самиот побарал раководството на клубот да се обиде да го доведе одличнот колумбиски фудбалер на „Алијанц арена“. Левандовски има извонредна сезона, но во ситуација кога Томас Милер е далеку од посакуваната форма Анчелоти сака да доведе нов офанзивец што знае да функционира од позадина, позиција на која во моментов најдобро се снаоѓа Тијаго Алкантара.
Трофејниот италијански стратег имаше беспрекорна соработка со Хамес во 2014 година во Реал Мадрид, откако токму Анчелоти го доведе Колумбиецот на „Сантијаго Бернабеу“, а овој фудбалер имаше извонредна сезона со 17 голови и 18 асистенции во дресот на „кралскиот клуб“.
Во ситуација кога на сите им е јасно дека Родригез летово ќе ги менува клупските бои, Анчелоти е подготвен да тргне во офанзива за да го доведе овој играч во Баерн. Во Реал се свесни дека нема да можат да си ги вратат 80-те милиони евра што му ги платија на Монако за колумбискиот офанзивец, па понудата од 60 милиони евра што ја подготвува германскиот шампион делува примамливо. Сепак, останува да се види дали Баерн ќе успее да излезе како победник од оваа трка, со оглед на фактот дека Челси, Манчестер сити и Јувентус исто така искажаа сериозен интерес за да го доведат Родригез во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА