Анчелоти ја затвори вратата: Реал заврши со засилувања, никој нема да дојде ниту да си замине

Карло Анчелоти испрати јасна порака – Реал Мадрид заврши со трансфери за летниот преоден рок откако во изминатите денови официјално беа промовирани најпрвин Килијан Мбапе, а потоа и Ендрик како најнови засилувања на „кралскиот клуб“.

Нападот дефинитивно ќе изгледа атомски, но се најавуваше засилување за одбраната, особено откако искусниот Начо си замина, а Лени Јоро реши да потпише за Манчестер јунајтед наместо за Реал. Како опција беше споменуван германскиот ветеран Матс Хумелс, но овој трансфер дефинитивно нема да се реализира.

„Нема да купиме никого. Не ни треба никој друг. За одбраната по повредата ни се враќа Алаба, тука ќе биде и Валјехо кој е назад по позајмицата. Ќе следиме и неколку талентирани играчи од младинската школа, кои ќе добијат шанса да ги покажат своите квалитети“, изјави Анчелоти.

Воедно, тој најави дека Реал нема ниту да продава фудбалери до крајот на преодниот рок.

„Нема да продаваме, а никој од играчите кои ги имаме не сака да си замине па да имаме таков вид на притисок. Тимот што го имаме е спектакуларен и сите едвај го чекаме стартот на новата сезона“, истакна стратегот на Реал Мадрид.

Се вчитува...