Карло Анчелоти ја затвори вратата за заминување на Лука Модриќ во текот на јануарскиот преоден рок откако тренерот на Реал Мадрид повтори дека има највисоко можно мислење за хрватскиот фудбалски генијалец.
Хрватот мина голем дел од натпреварите на клупата за резерви, јасно е дека е незадоволен и се шпекулира со негово заминување во Интер Мајами или во некој од клубовите во Саудиска Арабија, но Анчелоти е убеден дека тоа нема да се случи, бидејќи Модриќ има договор со Реал до крајот на сезонава.
„Јас сум среќен што го имам Лука во тимот, тој е нашиот лидер. Секако дека не е задоволен што не игра колку лани, но тоа само го прави уште помотивиран за докажување. Во комуникација сме секојдневно и верувам дека работите ќе тргнат во позитивна насока за него. Да си замине во јануари? Нема шанса, тој е нашиот лидер, имаме договор со него и трансфер на Модриќ среде сезона не е опција за нас“, изјави Анчелоти.
Реал Мадрид утре ја пречекува Осасуна, а тренерот на „кралевите“ се соочува со сериозни проблеми околу одбраната, ако се знае дека Алаба и Милитао се повредени, а Начо е суспендиран, па Ридигер е единствениот централен дефанзивец што е подготвен за настап на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

