Анчелоти: Останувам на чело на Реал Мадрид и наредната сезона

Карло Анчелоти уште еднаш ја потенцираше лојалноста кон Реал Мадрид најавувајќи дека нема намера да си замине од клубот до истекот на неговиот договор, во јуни 2024 година. Италијанскиот стратег е голема желба на фудбалската репрезентација на Бразил, се споменуваше како опција за „кариоките“ на крајот од сезонава, но Анчелоти својата иднина ја гледа на „Сантијаго Бернабеу“.

Флорентино Перез размислуваше за нов тренер поради загубената трка за титулата во Ла Лига, но ситуацијата се промени по убедливиот триумф над Барселона на „Камп Ноу“ и пласманот во финалето од Копа дел реј.

„За мене нема дилема. Имам договор до јуни 2024 година и убеден сум дека тој договор ќе биде обострано испочитуван. Останувам на чело на Реал и наредната сезона, уверен сум во тоа“, изјави Анчелоти.

Италијанскиот стратег обелодени и дека на следниот меч од Ла Лига против Кадиз одмор ќе добијат Тони Крос и Винисиус, кои потоа ќе бидат подготвени за реваншот од четвртфиналето во Лигата на Шампионите против Челси.

Се вчитува...