Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, е осуден на една година затворска казна поради затајување на данок при својата прва авантура како предводник на „кралевите“. Италијанецот наводно го оштетил државниот буџет за 383.361 евро со избегнат данок за 2014 година и 675.718 евра за 2015 година.
Анчелоти од самиот старт демантираше вина за случајот, тврдејќи дека само ги слушал клупските советници околу своите постапки во првите години по доаѓањето во Шпанија. Тој побара да биде прогласен за невин, а доколку судот реши дека тој е виновен – во предвид да се земат олеснителните околности – фактот дека тој парите за кои е обвинет веќе ги има вратено на државата во декември 2021 година.
Обвинителството сепак докажа вина кај трофејниот стручњак, но поради фактот дека Италијанецот досега не бил осудуван за слични дела затворската казна од една година не е задолжителна и е регистрирана како условна (би се активирала ако биде повторено делото во наредните пет години).
Тој ќе треба да плати дополнителни 386.000 евра парична санкција, а изречена му е и тригодишна забрана за примање на било каква државна помош или субвенции од шпанските власти, нешто што секако нема да биде случај ако се знае дека Анчелоти минатиот месец го напушти Реал Мадрид за да се пресели на кормилото на бразилската фудбалска репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

