Реал Мадрид не успеа да го доведе Килијан Мбапе во своите редови ова лето, но успеа да ги ангажира младиот бисер Орелиен Чуамени за 80 милиони евра и уште 20 милиони евра во бонуси, како и германскиот стопер Антонио Рудигер кој на „Сантијаго Бернабеу“ пристигна како слободен играч.
А, се чини дека тоа ќе биде се од новитетите во Реал Мадрид ова лето бидејќи тренерот Карло Анчелоти на подготовките за новата сезона изјави дека е задоволен од преодниот рок, а решение во нападот гледа во Еден Азар.
„Чуамени и Рудигер ќе ни донесат многу квалитет во екипата. Рудигер е одличен стопер кој може да покрива повеќе позиции, а истото важи и за Чуамени во средниот ред. Тој е млад, но веќе играше за Франција. Конкуренцијата во тимот ќе биде клуч за успех. Нормално, ќе им треба време за воигрување, но не премногу бидејќи станува збор за квалитетни играчи“, изјави Италијанецот кој потоа се осврна кон нападот.
„Имаме многу опции во нападот. Бензема е главна, но мора да разбереме дека ова ќе биде една чудна сезона во која Светското првенство ќе се игра сред неа. Со обѕир на квалитетот на Азар тој ќе биде добро решение на таа позиција. Можам да ви кажам дека повеќе нема да купуваме играчи. Задоволни сме со тоа што располагаме“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

