Анчелоти: Само еден клуб ми е горко искуство во кариерата

Карло Анчелоти има освоено се што може да се освои во својата беспрекорна кариера, и тоа во сите врвни лиги ширум Европа. Италијанскиот стручњак од бројните искуства во тренерската кариера посочува само едно како негативно – и тоа она како шеф на стручнит штаб на Баерн Минхен.

„Отказот во Баерн ми е единствено горко искуство во кариерата. Не ме боли што решија да ме отпуштат, туку што воопшто не ми беше дадена можност да ги променам работите. Сакав да сменам нешто во клубот, но јасно ми ставија до знаење дека тоа не е возможно. Инсистирав да почнеме со смена на генерациите, но не сакаа да ја уриваат структурата, да го нарушуваат мирот. Сега им се случува хаос поради тоа, па решија на крајот од сезонава да го направат тоа што јас пред неколку години им го предложив“ – изјави Анчелоти.

Италијанскиот стратег го наследи Пеп Гвардиола на „Алијанц арена“ и го водеше Баерн на вкупно 60 натпревари, притоа бележејќи 43 победи, осум реми и девет порази. Во првата година тој стигна до титулата во Бундес-лигата, но на стартот од втората сезона по серијата слаби игри доби отказ од функцијата.

Се вчитува...