Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, немаше многу причини за задоволство по синоќешниот дуел со Осасуна, на кој „кралевите“ не ја оправдаа фаворитската улога ремизирајќи 1-1 против гостинот од Баскија.
Отсуството на неколку првотимци како Модриќ и Куртоа не е алиби за трофејниот стратег, кој е свесен за нешто послабото издание на својот тим.
„Можам да говорам за изостаноците, но тоа не би било коректно кон противникот, кој одигра одличен меч. Факт е дека ние не бевме на посакуваното ниво. Секогаш е драма кога Реал нема да победи, тоа е случај и овојпат, но нема да се потресуваме премногу, туку ќе работиме напорно за вакви натпревари да не ни се повторат“, изјави Анчелоти.
Воедно, тој откри дека сериозно размислувал по досудениот пенал Бензема да не го изведе ударот од белата точка, со оглед на фактот дека Французинот минатата сезона промаши два пенала против Осасуна.
„Бев во сериозна дилема, не сакав Бензема да го шутира пеналот поради оние две промашувања од ланската сезона. Сепак, оттогаш тој изведе неколку важни удари од белата точка за нас и беше прецизен. Затоа, решив тој да шутира и против Осасуна. За жал, промаши, но и тоа е составен дел од фудбалот“, прокоментира тренерот на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

