Анчелоти во дилема – на која позиција да игра Елмас?

Елиф Елмас од денеска ја почнува својата италијанска „бајка“, потпишувајќи договор со Наполи, каде ќе има можност да работи со Карло Анчелоти. Токму трофејниот италијански стратег е најзаслужен за овој трансфер, бидејќи во изминатиот период Анчелоти инсистирал да му биде доведен Елмас од Фенербахче, особено откако стана јасно дека Наполи ја губи битката со Интер за Николо Барела.

Италијанските медиуми веднаш се јавија и со кратка анализа за квалитетите на македонскиот репрезентативец, дополнувајќи со прогноза каде Елмас би можел да биде најдобро искористен од страна на Анчелоти. Со оглед на фактот дека станува збор за универзален играч за врска, италијанските новинари потсетуваат дека тој играше на најразлични позици во Фенербахче, како класичен плејмејкер, полу-шпиц, во на левата страна во средниот ред…

Сепак, кога станува збор за Наполи, крилните позиции се резервирани за Калјехон и за Инсиње, па јасно е дека Елмас ќе игра централно во средниот ред. Анчелоти не отстапува од формацијата 4-2-3-1, па македонскиот ас најверојатно ќе ја стартува сезоната како класичен играч за врска, борејќи се за двете места во средниот ред (од кои првото е загарантирано за Бразилецот Алан). Медиумите од Неапол потенцираат дека Елмас може одлично да се снајде и веднаш зад напаѓачот, но Наполи за тој дел од тимот води интензивни преговори за Хамес Родригез.

Едно е сигурно, сезоната е долга, Наполи во неа (во Серија А, Купот на Италија и во Лигата на шампионите) ќе одигра околу 60 средби, па јасно е дека Елмас сигурно ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети во дресот на италијанскиот вицепрвак.

Се вчитува...