Анчелоти: Воопшто не сум загрижен за формата на Мбапе

Килијан Мбапе пристигна како мега-засилување за Реал Мадрид, па затоа изненадувачки за шпанската јавност е што Французинот катастрофално ја почна новата авантура.

Тој беше стрелец во Супер-купот на Европа против Аталанта, но Мбапе потоа потфрли на премиерните две средби од Ла Лига против Мајорка и Валјадолид. Без оглед на слабата форма, тренерот Карло Анчелоти е убеден дека францускиот репрезентативец наскоро ќе влезе во голгетерски ритам.

„Мбапе го даде последниот гол на 14 август. Денеска сме 28 август, поминаа само две седмици, во овој период одигравме само две средби. Воопшто не сум загрижен за формата на Мбапе, не гледам причина за такво нешто. Она што го гледам – Килијан е многу среќен овде, работи напорно на тренинзите и сака да постигне гол веќе на следниот меч. Тој е многу скромен, максимално мотивиран и многу добро се адаптира во новата средина“, прокоментира Карло Анчелоти.

Реал Мадрид во третото коло утревечер му гостува на Лас Палмас, меч на кој Мбапе повторно ќе го предводи нападот на „кралевите“.

Се вчитува...