Анчелоти за Модриќ: Немам што да им објаснувам на оние кои не играат

Реал Мадрид утре гостува на Барселона во вечното дерби на шпанскиот фудбал, уште еден меч на кој Лука Модриќ не е најавен меѓу стартерите на „кралскиот клуб“.

Фудбалската јавност е изненадена што Карло Анчелоти го игнорира хрватскиот ветеран за најважните натпревари на Реал, но Анчелоти јасно стави до знаење дека нема намера да навлегува во таков вид на дискусии пред важниот меч со каталонскиот гигант.

„Сите фудбалери се професионалци, знаат дека не можат секогаш да играат и да ги почитуваат одлуките на тренерот. Јас немам што да им објаснувам на оние кои не играат. Веќе имам кажано се што мислам за Лука Модриќ, нема потреба да се повторувам“, изјави Карло Анчелоти.

Ако влезе во игра на утрешното дерби, Хрватот ќе стане најстар играч кој настапил на едно „Ел Класико“. Досегашниот рекорд го држи Пако Бујо, голманот на Реал кој во 1996 настапи против Барса на возраст од 38 години и 38 дена. Модриќ ќе има 38 години и 47 дена, за нов рекорд доколку хрватскиот генијалец одигра барем минута утре против Барселона.

Се вчитува...