Карло Анчелоти има полни раце работа од бразилската репрезентација да состави победничка машинерија способна да се бори за златото на Мундијалот што ќе се одржи следната година.
Трофејниот стручњак веќе ги водеше „кариоките“ на неколку средби, а во пресрет на септемвриските квалификации во фокусот на вниманието се најде изоставувањето на Нејмар. Поранешниот ас на Барселона и ПСЖ се врати во Сантош и имаше неколку добри партии, првите информации говореа дека Анчелоти не го повикал поради повреда, но тоа беше демантирано од самиот Нејмар.
Затоа, на темата на вчерашната прес-конференција говореше самиот италијански стручњак, јасно ставајќи до знаење дека Нејмар не е дел од неговите планови во моментов.
„Вистината е дека одлуката е од тактичка природа, не е поврзана со неговата физичка подготвеност во моментов. Таа одлука е донесена врз основа на бројни фактори. Никој не може да го негира талентот на Нејмар, но ние мораме да ги процениме неговите способности во моментов, пред се на физички план, но и од многу други аспекти. Конкуренцијата е огромна, имаме 70 фудбалери кои сакаат да играат што поскоро во репрезентацијата, моја работа е да ги изберам оние 26 кои ги сметам за најдобри. Квалитет секако постои, но морам да изберам играчи што ќе бидат дел од силен колектив, тоа е она што е најважно на големите натпреварувања. Минаа 24 години од последната титула на Бразил, дојдено е времето тоа чекање да биде прекинато. Одговорноста е огромна, но јас сум подготвен“, порача Карло Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

