Андерлехт пред банкрот

Предвремениот прекин на фудбалските сезони ширум Европа ќе нанесе сериозен финансиски удар врз сите субјекти, но најлошо најверојатно ќе мине белгискиот гигант Андерлехт, кому му се заканува банкрот. Тимот од Брисел веќе извесно време се соочува со проблеми, минатото лето инвестираше во играчкиот кадар правејќи „минус“ на сметката од 27 милиони евра. Вкупните долгови на Андерлехт изнесуваат 95 милиони евра, а по стопирањето на сезоната ќе изостанат и планираните приходи, па во следните месеци „минусот“ ќе ја надмине и границата од 100 милиони евра.

„Андерлехт не може да побегне од последиците на пандемијата. Нашиот клуб има сериозни долгови, згора на тоа присутна е и голема неизвесност околу приходите. Сега Владата на Белгија објави мерки со кои ги ограничи трошоците на сите компании, меѓу нив и на клубовите, ќе треба сите да покажеме заедничка солидарнот. Иднината не е розова, но Андерлехт низ годините се соочуваше со бројни проблеми и секогаш наоѓаше решение за нив“, се вели во соопштението на повеќекратниот белгиски шампион.

Новите мерки се однесуваат на драстичното намалување на примањаста во Белгија. Сите вработени лица, вклучувајќи ги тука и фудбалерите, ќе заработуваат максимум 70% од просечната плата. Или конкретно – 2.350 евра плата, и тоа бруто. Со вакви примања во Брисел едвај се преживува, па за очекување е странските фудбалери да ги раскинат договорите и да се вратат во своите татковини.

Кога оваа светска криза ќе престане, фудбалот ќе треба да се врати во нормала. А за Андерлехт со „минус“ од 100 милиони евра и спонзори кои и самите ќе се соочат со финансиски проблеми, банкротот делува како сосема реална опција.

Се вчитува...