Анди Шмид денеска и официјално објави дека ја завршува својата професионална ракометна кариера, две седмици откако со Швајцарија го заврши настапот на ЕП 2024.
Легендарниот бек требаше да настапува за тимот на Криенс Луцерн до крајот на сезонава, но веднаш по ЕП реши дека е време да запре со активното играање.
„Мојата играчка кариера завршува сега. Мојата љубов кон ракометот останува… и продолжува“, објави Шмид на својот профил на инстаграм. Веќе е јасно дека тој ќе продолжи во тренерски води, ако се знае дека уште пред извесно време беше објавено дека тој од летово ќе го преземе кормилото на швајцарската репрезентација.
Ќе остане запишано дека овој ракометен великан последниот меч во кариерата го одигра токму против Македонија, со 12 погодоци беше одличен во нападот, но сепак нашата репрезентација на крајот се радуваше на победата, оставајќи го Шмид во солзи на теренот.
„Плачев три и пол минути по тој пораз, да се каже дека бев тажен е премногу блага констатација. Тоа ми беше последен меч на големата сцена, во земјата каде што живеев 12 години. Премногу работи се собраа“, прокоментира Анди Шмид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА