Женската А репрезентација на Македонија денеска го одработи последниот тренинг пред заминувањето за Англија за воведниот меч од квалификациите за Светското првенство 2023. Нашата женска селекција против Англија, топ фаворит во групата ги започнува европските квалификации за мундијалот во Австралија и Нов Зеланд.
Против англичанките играме на 17. септември во Саутемптон, а четири дена подоцна на Националната арена „Тодор Проески” ќе се спротивставиме на селекцијата на Австрија.
Капитенот на женската А репрезентација на Македонија и член на шпански Леванте, Наташа Андонова вели дека шансата за остварување на поволен резултат треба да ја бараме во дуелот со Австрија пред домашната публика.
„Не очекуваат два натпревари против силни репрезенетации. Селекцијата на Англија е апсолутен фаворит во групата, ќе биде многу тешко да се игра против нив. Австрија не е на рамниште со квалитетот како Англија и сметам дека шансата за освојување на бодови треба да ја бараме на тој меч. Секогаш се обидувам да гледам реално на работите, така и овој пат. Мислам дека не треба да очекуваме некакво чудо во овие квалификации, треба само да продолжиме напорно да работиме и да ги слушаме советите од нашиот селектор. Објективен проблем претставува фактот што во овој состав на Македонија има фудбалерки претежно од домашното првенство кои немаат големо маѓународно искуство за разлика од другите селекции. Работевме напорно овие неколку дена, имаме одлична комуникација со селекторот, позитивни сме, владее одлична атмосфера и ќе пробаме сето тоа да го искористиме за што подобро да одиграме на овие два натпревари“, изјави Андова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА