Македонската женска репрезентација утре во Алмати против домашната селекција на Казахстан го игра последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство.
По денешниот последен тренинг во Алмати, најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова вели дека сите во селекцијата се подготвени да го дадат максимумот и со позитивен резултат да се вратат од Казахстан како подарок за сите соиграчки и селекторот Кирил Изов, кои поради позитивен тест на коронавирусот останаа во Скопје.
„Утре е последниот натпревар од овие квалификации за Европско првенство. По неколкудневните подготовки се чувствуваме спремни да го одиграме овој натпревар и сите посакуваме победа. Знаете дека ни недостасуваат неколку првотимки поради позитивни тестови за Ковид-19, па утрешниот натпревар ќе им го посветиме на сите оние кои мораа да останат дома, на играчитге и селекторот. Ние посакуваме победа и се надевам дека ќе се вратиме со позитивен резултат. И покрај ладното време и големата временска разлика нема да се предадеме и храбро ќе пристапиме на натпреварот“ – вели Андонова.
Македонија против Казахстан во последниот натпревар од квалификациите утре игра со почеток од 12 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА